Свет
По насилните протести во Франција, Лекорни побара воведување делумен полициски час
Францускиот премиер Себастијан Лекорни денеска изјави дека побарал од локалните власти вечерва да воведат делумен полициски час по насилните протести што ја потресоа целата земја во текот на викендот.
Лекорни пред новинарите истакна дека е „целосно решен да го врати јавниот ред“. Тој додаде дека, доколку се процени за неопходно прогласувањето вонредна состојба, „можеме да го направиме и тоа“, но оти во оваа фаза делумниот полициски час се чини „посоодветен“.
Премиерот не прецизираше во кои градови ќе биде воведен делумниот полициски час, ниту каква точно форма ќе има мерката, но ја исклучи можноста за воведување целосен полициски час во цел Париз.
– Овој полициски час мора да биде од локален и делумен карактер. Не доаѓа предвид да се стави целиот Париз под полициски час – појасни тој.
Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, исто така на истата прес-конференција изјави дека нема планови за откажување на фудбалскиот натпревар меѓу Пари Сен Жермен и Барселона, кој треба да се одигра утре навечер.
Инаку, градоначалниците на најголемите француски градови денеска побараа од владата одговори за, како што ја оценија, недоволната подготвеност на безбедносните сили, додека земјата се опоравува од викендот исполнет со немири и вандализам.
Протестите следуваат по неколкунеделните студентски демонстрации, проследени со повремени изливи на улично насилство, кои ја потресуваат земјата шест месеци пред претседателските избори. Воедно, расте и притисокот врз властите поради слабата економија и зголемувањето на јавниот долг.
октомври 19, 2026


