Свет
Во руски напад уништен дата-центар на украински телекомуникациски оператор
Руските сили синоќа извршија напад со балистички ракети во кој целосно е уништена инфраструктурата на дата-центарот на телекомуникацискиот оператор „Датагруп“.
Компанијата соопшти дека повеќе не е можно на таа локација да се продолжи со работа. Во исто време, украинското воено воздухопловство објави дека пред првиот бран од нападот не добило предупредување од меѓународните партнери.
Телекомуникацискиот оператор „Датагруп“ објави на Фејсбук дека опремата во нивниот дата-центар е целосно онеспособена.
„За жал, поправка и повторно стартување на работата не се можни“, стои во објавата на компанијата. Тие потврдија дека во нападот нема повредени вработени и дека компанијата продолжува да им обезбедува услуги на корисниците преку резервни локации.
Истиот дата-центар во Киев беше оштетен во руски напад и на 25 септември. Компанијата тогаш соопшти дека податоците на корисниците се сочувани, а услугите беа пренасочени на резервни системи додека инженерите ја проценуваа штетата.
октомври 19, 2026

