Connect with us

Свет

Лондон треба да го постави членството во ЕУ како среднорочна цел, предлага тинк-тенк

Велика Британија треба да го постави повторното членство во Европската Унија како среднорочна цел, се наведува во денеска објавен извештај на влијателниот тинк-тенк Институт за истражување на јавни политики (ИППР).

Британскиот премиер, Енди Барнам, најави дека на Самитот ЕУ-Велика Британија во Брисел на 20 ноември ќе ги претстави можностите за долгорочните односи на земјата со Унијата, меѓу кои веројатно ќе биде и повторното приклучување кон блокот.

Според ИППР, промените во глобалната политика во изминатата деценија покажале дека Велика Британија треба да се стреми кон членство во ЕУ. Извршниот директор на институтот, Хари Квилтер-Пинер, оценува дека меѓународните околности за кои Британија ја изгради стратегијата по Брегзит веќе не постојат.

Тој посочи дека економската моќ, безбедноста и политичкото влијание сè повеќе зависат од заедничкиот капацитет, а Британија не може сама да ја постигне потребната сила.

Во извештајот се наведува дека земјата нема доволно капацитет самостојно да се справи со „руската агресија, американската непредвидливост и кинеската принуда“, што ги ограничува нејзиниот суверенитет и способноста за дејствување.

Владата досега избегнуваше да избира меѓу САД и Европа, нагласувајќи дека може да одржува силни партнерства со двете страни. ИППР, сепак, оценува дека таквиот пристап е стратегија за опстанок, а не за успех.

Институтот предлага постепено приближување кон членство преку соработка со ЕУ во областа на одбраната, производството и зајакнувањето на демократската отпорност, како и преку градење политичка поддршка во Британија и во Европа.

Една од можностите е и вклучување на британската автомобилска индустрија во европската иницијатива „Произведено во Европа“, што им дава преференции на европските компании при јавните набавки и субвенциите. Тоа би можело да бара усогласување со царините на ЕУ за кинеските електрични возила, што потенцијално би влијаело врз британските цели за нето-нула јаглеродни емисии.

Според анкета спроведена во јуни, 52 отсто од испитаниците поддржуваат повторно приклучување кон ЕУ, а 29 отсто се против. Поддршка за членство во ЕУ дале и 54 отсто од гласачите на лабуристите кои размислуваат да гласаат за партијата Реформистичка Британија.

ИППР оценува дека аргументите против слободното движење и тврдењата дека повторното членство би било предавство на Референдумот од 2016 година имаат сè помало влијание. Сепак, загриженоста за придонесите во буџетот на ЕУ и евентуалното заменување на фунтата со еврото би можела значително да ја намали поддршката.

Портпарол на британската Влада изјави дека договорот за Брегзит што го наследила сегашната влада ја ослабнал контролата врз нелегалната миграција, го забавил економскиот раст и им наметнал дополнителна бирократија на компаниите.

Владата, како што посочи портпаролот, работи на практични договори со ЕУ што ќе им користат на британските земјоделци и семејства, ќе го поттикнат растот и ќе го намалат административниот товар и ценовниот притисок.

Ad
Ad