Connect with us

Свет

Европските лидери заминуваат за Давос со надеж да го разубедат Трамп околу Гренланд

Во услови кога се соочуваат со најголемата трансатлантска криза во последните децении, европските лидери ќе се обидат да го искористат Светскиот економски форум во Давос, што почнува денеска, за да го убедат американскиот претседател Доналд Трамп „да не го разбива НАТО поради Гренланд“, оценуваат бриселските медиуми.

Во исто време, европските лидери во Давос ќе имаат прва шанса да се сретнат во живо по најновите закани на Трамп по суверенитетот на Гренланд, пред најавениот вонреден Самит на ЕУ, што најверојатно ќе се одржи в четврток.

– Собирот на елитата на швајцарските Алпи ја означува првата шанса на Европејците да разговараат лице в лице со американскиот претседател, откако тој ги заостри тензиите заканувајќи се дека ќе воведе царини против шесте членки на ЕУ, како и против Велика Британија и Норвешка, земји кои распоредија трупи на Гренланд во последните денови, наведува „Политико“.

Тројца високи европски претставници за „Еурактив“ оцениле дека иако ништо не е сигурно, веројатно во Давос ќе има „барем една“ тет-а-тет средба меѓу Трамп и клучни претставници на ЕУ и НАТО. Според истите извори, советниците за национална безбедност од клучните држави на ЕУ се на лице место во Давос, поставувајќи ја основата за дискусии.

Иако, првично се предвидуваше главна тема на овие средби да бидат тековните мировни преговори за ставање крај на војната во Украина, најновите потези на Трамп го поместија Гренланд на врвот на агендата.

Инаку, Трамп во Давос ќе биде придружуван од државниот секретар Марко Рубио, како и од секретарите за финансии и за трговија, Скот Бесент и Хауард Лутник.

Во пресрет на Форумот во Давос, Бесент во интервју за Ен-Би-Си не покажа знаци дека Вашингтон планира да се повлече во врска со идејата за американско преземање на Гренланд.

– Верувам дека Европејците ќе сфатат дека тоа е најдобро за Гренланд, најдобро за Европа и најдобро за САД, рече Бесент.

Европските лидери засега искажуваат пораки за единство и солидарност во соочување на предизвиците.

Фон дер Лајен во објава на Икс порача дека Европа цврсто стои заедно во својата посветеност да го поддржи суверенитетот на Гренланд и Данска.

– Секогаш ќе ги штитиме нашите стратешки економски и безбедносни интереси. Ќе се соочиме со овие предизвици за нашата европска солидарност со постојаност и решителност, наведе Фон дер Лајен.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас оцени дека по најновиот развој на настаните околу Гренланд, „Кина и Русија сигурно имаат добар ден“ затоа што тие се „оние кои имаат корист од поделбите меѓу сојузниците“.

Во објава на Икс, Калас додаде и дека сепак „спорот околу Гренланд“ не може да го одвлече вниманието на ЕУ од нејзината „основна задача – да помогне во завршувањето на војната на Русија против Украина“.

Европски дипломати во текот на викендов оценија дека во вакви услови главниот пристап на ЕУ ќе биде фокусиран на деескалација на кризата, бидејќи Унијата преферира преговори, наместо потпалувачка реторика.

Во прилог на тоа оди и синоќешната одлука на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) да му се даде шанса на дијалогот со САД, пред да бидат преземат какви било мерки како одговор на најавените царини од 10 отсто кон осум европски земји од 1 февруари.

Според договореното на состанокот, доколку не биде постигнат договор, од 6 февруари ЕУ би вовела реципрочни санкции кон САД во износ од 93 милијарди евра. На состанокот на Корепер била разгледувана и опцијата за активирање на „инструментот против принуда“ кон САД, кој предвидува ограничување на увозот на стоки и услуги во ЕУ.

Дипломатски извори посочуваат дека идејата за ваквиот инструмент потекнала од Франција, но дека меѓу мнозинство земјите членки на ЕУ не постои желба за негово активирање.

Ваквите рокови, според „Политико“, укажуваат дека на вонредниот Самит на ЕУ, што претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта го најави синоќа за во текот на оваа недела, нема да бидат донесени никакви „важни одлуки“, односно дека тие, доколку воопшто ги има, веројатно би биле усвоени на почетокот на февруари. 

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 5