Connect with us

Вести

Докиќ: Со спречување на пасивното пушење значително ќе се намалат здравствените последици, особено кај децата

Со спречување на пасивното пушење значително ќе се намали бројот на несакани здравствени последици, кои можеби не се веднаш видливи, но долгорочно ќе придонесат за создавање поздрава нација, изјави за МИА проф. д-р Дејан Докиќ, пулмолог алерголог, кого го прашавме за коментар за најавениот нов закон против пушењето.

– Новиот закон против пушењето, морам да признам, е доста рестриктивен, но гледам исклучиво позитивни ефекти и бенефити од неговата примена за целото општество. Пред сè, со овој закон ќе бидат поштедени непушачите од изложеност на пасивно пушење како во угостителските објекти така и во автомобилите – дециден е Докиќ.

Докторот нагласи дека тоа е значаен чекор кон подобрување на јавното здравје.

– Особено важно е што законот предвидува заштита на децата со забрана за пушење во нивно присуство, особено во затворени простори. Децата се највулнерабилната група и тие најмногу ги чувствуваат штетните последици од пушењето поради што нивната заштита е од примарно значење за нашето општество. Ова го сметам за еден од клучните и најпозитивни бенефити на законот. Со спречување на пасивното пушење значително ќе се намали бројот на несакани здравствени последици, кои можеби не се веднаш видливи, но долгорочно ќе придонесат за создавање поздрава нација – додаде Докиќ.

Исто така, како што нагласи докторот, ригорозните мерки може да влијаат мотивирачки кај некои од пушачите и да размислат за прекин на пушењето.

– Секако, на тие лица треба соодветно да им се помогне со цел да се намали бројот на пушачи во земјата. Со тоа не само што ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните, туку и ќе се продолжи животниот век, особено доколку со пушењето се престане навреме – категоричен e Докиќ во изјавата за МИА.

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 5
Ad 1