Connect with us

Свет

Германски синдикат предупредува на нови големи прекини на струја

Иако во Берлин повторно е воспоставено снабдувањето со електрична енергија за илјадници потрошувачи по неодамнешниот напад врз енергетската инфраструктура, германските градови треба да се подготват за нови големи прекини доколку не се подобри драстично одговорот на државата во кризни ситуации, предупреди денеска синдикатот на државни службеници ДББ.

Берлин покажа дека не сме подготвени за вакви кризи. Ова е катастрофа, изјави претседателот на синдикатот, Волкер Гајер, во интервју за весникот Рајниш Пост.

Тој оцени дека е неопходна итна проверка дали механизмите за контрола и законските обврски што важат за операторите на критична инфраструктура се соодветни.

– Она што се случи во Берлин може да се случи каде било и во секое време – во Келн, Штутгарт или Минхен. Државата не смее да си дозволи да изгледа толку беспомошно, предупреди Гајер.

Граѓаните очекуваат институциите да бидат способни да реагираат ефикасно во кризни ситуации, додаде претседателот на најголемиот германски синдикат на јавни службеници и вработени во поврзани приватни сектори, кој брои повеќе од 1,2 милиони членови.

Подметнат пожар на електрични кабли, за кој се сомнева дека бил изведен од левичарски екстремисти, предизвика голем прекин на електричната енергија во југозападен Берлин од саботата до средата.

Околу 100.000 луѓе останаа без струја, греење, интернет и мобилна телефонија во период кога температурите се спуштија значително под нулата.

Гајер ја наведе приватизацијата на критичната инфраструктура како една од главните причини за немоќта на државата во вакви ситуации.

Снабдувањето на поединечни објекти, како болници и домови за стари лица, со резервни генератори е од клучно значење, изјави претседателот на Германскиот сојуз на градови, Кристијан Шухардт.
„Уште подобро би било доколку можеме со мобилни електрани да снабдуваме цели населби со топлинска и електрична енергија“, додаде тој.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 3