Регион
Предупредувачки штрајк во Народниот театар во Белград
Ансамблот на Народниот театар во Белград вечерва во 21:30 часот ќе одржи предупредувачки протест во фоајето на Големата сцена, штрајк во денот кога се враќаат во објектот за публиката по два месеца затворање.
Предупредувачкиот штрајк ќе се одржи на денот кога вратите на Народниот театар ќе бидат повторно отворени за јавноста, бидејќи театарот претходно беше затворен со одлука на Министерството за култура и Управата на театарот поради безбедносни причини.
Таа одлука е донесена на изненадување на сите вработени, на денот кога актерите во Народниот театар одржаа предупредувачки штрајк поради стапувањето во сила на Правилникот за работна дисциплина, што забранува јавно изразување политички ставови.
Драматургот Жељко Хубач истакнува дека вработените ќе го продолжат протестот таму каде што застанаа на 3 октомври, тврдејќи дека раководството незаконски ги избркало од зградата, јавија белградски медиуми.
Главно барање останува отстранување на Драгослав Бокан од функцијата претседател на Управниот одбор, како и укинување на правилникот што забранува изразување мислења на сцената, што се покажа како неуставно.
Хубач нагласи дека причината за новиот штрајк е „незаконското затворање на зградата на Народниот театар“.Тој тврди дека зградата не ја затворила Противпожарната инспекција (која дала 45 дена за отстранување на неправилностите), туку дека Управата и Министерството за култура го сториле тоа незаконски, бидејќи не ја објавиле одлуката за степенот на ризик и рокот за негово отстранување.
Затворањето на зградата го нарече политичка дискриминација, наведувајќи дека само на актерите од Драмата им било забрането да влезат во зградата, додека Балетот и Операта цело време работеле на подготовка на премиери.
Оваа „политичка дискриминација“, како што вели, дошла затоа што ансамблите ги поддржувале студентите на претставите.
декември 8, 2025


