Connect with us

Свет

ЕП ги одобри Програмата за европската одбранбена индустрија, новите правила за безбедност на играчките и проширувањето на мандатот на Европол

Европратениците на денешното продолжение од овонеделната парламентарна сесија во Стразбур ги одобрија Законот за зајакнување на одбранбената индустрија на ЕУ, новите правила за безбедност на детските играчки и регулативата за зајакнување на мандатот и ресурсите на Европол во борбата против шверцот со мигранти и трговијата со луѓе.

Со Законот за зајакнување на одбранбената индустрија на ЕУ, усвоен со 457 гласови „за“, 148 „против“ и 33 „воздржани“, се предвидува воспоставување на Програма за европска одбранбена индустрија (ЕДИП), која треба да ги поттикне заеднички европски набавки за одбраната и одбранбеното производството, како и да ја зголеми на поддршката за Украина.

Законот предвидува издвојување на 300 милиони евра од вкупниот буџет на ЕДИП од 1,5 милијарди евра за Инструментот за поддршка на Украина, како и создавање на Фонд за забрзување на трансформацијата на синџирот на снабдување во одбраната (ФАСТ), за кој се предвидени најмалку 150 милиони евра.

Дополнително, со програмата им се овозможува на земјите членки да ги пренасочат преостанатите средства од Инструментот за закрепнување и отпорност (РРФ), создаден за справување со последиците од Ковид пандемијата, за поддршка на проекти од одбранбената индустрија.

Европратениците ги усвоија и новите правила кои имаат за цел да го намалат бројот на небезбедни детски играчки што се продаваат во ЕУ и да ги заштитат децата од ризици поврзани со нив.

Новите правила со кои се ажурира постојната Директива за безбедност на играчките од 2009 година, се одговор на порастот на онлајн трговијата за купувањето на играчки произведени надвор од ЕУ и зголемената употреба на дигиталните технологии.

Со новите правила забраната за користење на канцерогени и мутагени материјали и на супстанции штетни за репродукцијата, се проширена и со забрана на хемикалии и супстанции кои можат да предизвикаат нарушување на ендокриниот систем, да им наштетат на органите за дишење, како и кои се токсични за кожата и другите органи. Се забранува и употреба на пер-и полифлуорирани алкилни супстанции (ПФАС) и на некои видови бисфеноли.

Измените предвидуваат и воведување на дигитален пасош за играчките од увоз, кој ја потврдува нивната усогласеност со релевантните безбедносни правила и ќе овозможи подобар надзорот на пазарот и поедноставни и поефикасни царинските проверки.

Новите правила ќе стапат во сила на 20-тиот ден по нивното објавување во Службениот весник на Европската Унија, по што земјите членки и индустриските актери ќе имаат преоден период од четири и пол години за нивна имплементација.

Европскиот парламент со 556 гласови „за“, 74 „против“ и 7 „воздржани“, го усвои и Законот за основање на Европски центар за борба против шверцот на мигранти (ЕЦАМС) во рамките на Европол, со што се зајакнуваат мандатот и ресурсите на европската полиција во борбата против шверцот на мигранти и трговијата со луѓе.

Центарот, за кој се предвидени 50 милиони евра во периодот 2025-2027 година и ангажирање на 50 дополнителни припадници на Европол, ќе придонесе за зголемена стратешка, оперативна и техничка поддршка за земјите од ЕУ во разбивањето на криминалните мрежи вклучени во шверцот на мигранти и трговијата со луѓе.

Со законот им се овозможува на офицерите за врска во трети земји да се вклучуваат во истрагите на Европол со споделување информации во врска со шверцот на мигранти и трговијата со луѓе, а европската полиција добива и надлежност да им помага на националните полиции на земјите членки за поефикасна обработка на биометриските податоци.

Законското решение, исто така, ги поттикнува Европол и земјите членки да соработуваат во справувањето со кривичните дела извршени преку социјалните мрежи.

Европратениците во текот на денешното гласање, меѓу другото, ги поддржаа и предлозите за институционални реформи за зголемување на конкурентноста на ЕУ и извештаите за „постојаното поткопување на владеењето на правото од страна на Унгарија и нејзиното континуирано кршење на вредностите на ЕУ“ и за забрзување на процедурите за одобрување и овластување за биолошки контролни агенси. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1