Connect with us

Вести

Во случајот „Пулс“ ќе има санкции за секое одлагање, колку ќе трае процесот никој не знае, вели судијката Диана Груевска – Илиевска

Судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со судечкиот совет за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пред почетокот на првото рочиште порача дека ќе бара дисциплина од сите странки и присутни во судницата, нагласувајќи дека за секое непотребно одлагање ќе следува санкција.

Судот, рече Груевска-Илиевска, ќе ја почитува тагата и болката на семејствата на загинатите и повредените, но судот ќе постапува професионално и ќе овозможи секоја од странките да ја изнесе својата теорија и да даде докази.

– Со секоја почит кон болката и тагата на родителите и роднините ќе имаме респект за тоа, но ние сме професионалци и ќе дадеме можност на сите да си ја кажат својата теорија и да понудат докази. Како совет можеме да гарантираме дека колку што можеме ќе бидеме транспарентни и за сѐ што се случува ќе бидете информирани – кажа судијката.

Таа упати апел до семејствата, ако можат, да се организираат и по еден да присуствува на рочиштата за да се овозможат услови за работа.

Судот, посочи Груевска-Илиевска, не може да гарантира брзина на водењето на постапката затоа што, како што додаде, секое брзање може да доведе до грешка и до пропаѓање на процесот.

– Сѐ што може овој совет ќе направи за оваа постапка да тече. Колку ќе трае процесот никој не знае – рече Груевска-Илиевска.

По ова, судот премина на евидентирање на присутните во судницата. Присутни се десетмина обвинители, меѓу кои Борче Јанев, Владимир Милошевски, Даниел Коцев, Дарко Јакимовски, Снежана Бундалевска, Јасмина Коцевска, Маја Коневска, Анастасија Миланова, Гордана Тодорова и Славица Темелковска.

Заменик, односно втор судија ќе биде судијата Ахмед Идризи и четворица поротници, од кои еден резервен за да нема застој во постапката.

Во преполната судница во КПУ Идризово, под засилени безбедносни мерки  денеска започна судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Покрај обвинетите, присутни се и родни на 63 жртви кои го загубија животот во несреќата што се случи на 16 март, претставници на обвинителството, на одбраната, како и повеќе домашни и странски медиуми меѓу кои БНТ, ТРТ, Ројтерс, Асошиејтед прес.

Осум месеци по несреќата, на обвинителна клупа седнаа 38 обвинети од кои 35 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1