Свет
За британската полиција единствен осомничен за нападот со нож во возот е мажот од Питерборо
Британската полиција денеска соопшти дека 32-годишен маж од Питерборо засега се третира како единствен осомничен за нападот со нож врз 10 лица во воз за Кембриџшир.
Полицијата претходно соопшти дека уапсила 32-годишен Британец со темна кожа и 35-годишен маж, британски државјанин со карипско потекло, но вториот осомничен е ослободен, објави Скај њуз.
Првично беше објавено дека тој бил вмешан во нападот, но по проверките, полицијата објави дека немал ништо со напаѓачот.
Мажот (32) е уапсен под сомнение за обид за убиство и сè уште е во
полициски притвор.
Полицијата наведе дека осомничениот се качил на возот на станицата Питерборо.
Пет повредени лица веќе се отпуштени од болница, додека едно лице, член на железничкиот персонал на ЛНЕР кој бил во возот во времето на нападот и се обидел да го запре напаѓачот, е сè уште во критична состојба, наведе полицијата.
„Детективите ги прегледаа снимките од надзорните камери во возот и јасно е дека неговите постапки биле херојски и несомнено спасиле животи на многу луѓе“, соопшти полицијата.
Десет лица синоќа беа избодени во возот за Кембриџшир, што е оддалечен околу 80 километри од Лондон, а полицијата потоа изјави дека станува збор за „значаен инцидент“ и потврди дека единиците за борба против тероризмот ќе ја поддржат истрагата.
ноември 3, 2025

