Свет
САД не планираат нуклеарни експлозии, вели министерот за енергетика
САД не планираат нуклеарни експлозии, вели министерот за енергетика
Freepik
Тестирањето на нуклеарното оружје, наредено од претседателот на САД, Доналд Трамп, нема да вклучува никакви нуклеарни експлозии, изјави денеска министерот за енергетика, Крис Рајт.
– Мислам дека тестовите за кои зборуваме во моментов се системски тестови, изјави Рајт во интервју за телевизијата „Фокс њуз“. – Ова не се нуклеарни експлозии. Ова се таканаречени некритични експлозии, појасни тој.
Планираните тестови ги вклучуваат „сите други делови на нуклеарното оружје за да се осигуриме дека тие ја испорачуваат соодветната геометрија и дека ја подготвуваат нуклеарната експлозија, додаде тој.
Трамп предизвика големо внимание неколку дена претходно, најавувајќи итно продолжување на тестирањето на нуклеарното оружје, без да прецизира што точно ќе се тестира. Тоа остави отворена можност дали би биле вклучени и подземни експлозии. Трамп ја оправда одлуката велејќи дека и други земји вршат тестирања.
Рајт рече дека модернизирањето на американскиот нуклеарен арсенал е „критичен приоритет“. „Голем дел од нашето оружје е многу старо“, рече тој, додавајќи дека арсеналот мора да се одржува модерен и ажуриран за да се задржи глобалното лидерство. Ова, според него, е единствениот начин да се гарантира „мир во странство и просперитет дома“.
Министерството за енергетика надгледува многу аспекти од американскиот нуклеарен арсенал, вклучувајќи ја и Националната управа за нуклеарна безбедност (NNSA).
САД последен пат извршија тестирање на нуклеарно оружје во 1992 година. Заедно со Русија и Кина, досега се придржуваа кон деценискиот мораториум за подземни нуклеарни експлозии. Вашингтон одржува широка програма за да обезбеди сигурност на својот нуклеарен арсенал. Ова вклучува компјутерски симулации, тестови со користење нуклеарни материјали кои не предизвикуваат верижни реакции и проби на технологии за проектили и боеви глави. Според некои експерти, ваквите мерки ги прават нуклеарните тестови непотребни.
ноември 3, 2025

