Свет
Партијата Демократи 66 дефинитивен победник на изборите во Холандија, Јетен бара брзо формирање на Влада
Социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66) на Рон Јетен победи на вонредните парламентарни избори во Холандија одржани во средата, пред десно популистичката Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс, покажуваат прелиминарните изборни резултати по пребројувањето на сите гласови во земјата и прекуморските територии. По објавувањето на ваквите резултати, лидерот Д66, Јетен повика нова Влада да се формира што е можно поскоро.
Конечните резултати од изборите ќе бидат познати в понеделник вечер, кога истекува рокот за пристигнување по пошта на гласачките ливчиња на Холанѓаните што живеат или престојуваат во странство, но предноста на Д66 пред ПВВ е толкава што овие гласови не можат да ја доведат во прашање нејзината победа.
Како што јави холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС, во моментов и Д66 и ПВВ имаат по 26 места во Долниот дом на Парламентот, но не е исклучено во крајниот биланс демократите да добијат уште еден мандат.
Јетен по објавувањето на резултатите најави дека ќе преземе иницијатива за формирање на идната холандска Влада.
- Ова е историски момент за Д66. Сега кога е јасно дека Д66 ќе биде најголема партија, ќе преземам иницијатива заедно со другите партиски лидери да предложиме известител, рече Јетен.
Согласно холандското законодавство, претседателот на Парламентот по консултации со лидерите на партиите, именува известител со задача да ги разгледа можностите за формирање парламентарно мнозинство. Врз основа на извршените консултации со партиите, известителот доставува извештај до Парламентот и ако во него заклучи дека има можност за мнозинство, се определува мандатар со состав на идната Влада. По правило, партијата што ќе освои најмногу гласови на изборите прва предлага кандидат за известител.
Актуелниот претседател на Долниот дом на Парламентот, Мартин Босма, кој е од редовите на ПВВ, веќе најави дека известителот формално ќе го именува во вторник, откако Изборниот совет ќе ги објави конечните резултати.
Јетен, меѓутоа, изјави и дека не сака „непотребно да губи време“ и да чека на официјалните резултати.
- Кабинет мора да се формира што е можно поскоро, рече Јетен, додавајќи дека сега кога и официјално е потврдено дека Д66 е победник на изборите „чувствува голема одговорност“.
Според него, за известител ќе предложат човек кој што е способен „не само да ја претставува Д66 како најголема партија, туку и да ги обедини сите партии и брзо да се фати за работа“.
Запрашан доколку добие мандат да формира Влада, дали би се определи за коалиција на центарот или на десниот центар, Јетен без да даде конкретен одговор, само изјави дека треба да се види како може да бидат претставени и милионите гласачи кои не гласале за неговата партија.
Во текот на изборната ноќ меѓу средата и четвртокот, Јетен изјави дека многу логична опција за владина коалиција е онаа на неговата Д66 со конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД), лево центристичкиот блок на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) и десно центристичкиот Христијанско-демократски повик (ЦДА). Ваквата „коалиција на центарот“ според сегашниот распоред на силите во Парламентот би имала 86 пратеници или 10 повеќе од потребните 76 за парламентарно мнозинство.
Но, идејата Јетен за „коалиција на центарот“ веројатно нема да биде лесно остварлива, имајќи предвид дека лидерката на ВВД, Дилан Јешилѓоз-Зехериус во текот на изборната кампања во повеќе наврати повтори дека нема да прифати коалицирање со блокот на лабуристите и зелените.
Јетен би имал опција наместо лево центристичкиот блок во Владата да ја вклучи десничарската партија Вистински одговор 21 (ЈА21), создавајќи „коалиција на десниот центар“, но во моментов таа би имала само 75 места или едно помалку од потребното мнозинство, што значи дека тој би морал да бара и петти партнер или да се реши за формирање нестабилен малцински Кабинет.
Јетен вчера порача дека партиите треба „да размислат за изборниот исход“ и „да не ги гледаат интересите само на своите поддржувачи“.
Според досега преброените гласови, ПВВ и Д66 имаат по 26 пратенички места, пред ВВД со 22, блокот ПВДА-ГЛ со 20 и ЦДА со 18 мандати. Натаму следуваат ЈА21 со девет пратеници, десно популистичкиот Форум за демократија (ФВД) со седум и Движењето на земјоделците-граѓани (БББ) со четири мандати. Демохристијанската Христијанска унија (ЦУ), конзервативната Реформистичка политичка партија (СГП), Партијата за животните (ПВДД), партијата на холандските Турци, Еднаквост (Денк) и левата популистичка Социјалистичка партија (СП) би имале по три пратеници, партијата на пензионерите 50 Плус (50+) два мандати, а социјал-либералната Волт едно пратеничко место.
ноември 1, 2025

