Connect with us

Регион

„Еурактив“: Србија го тестира демократскиот кредибилитет на ЕУ

Во услови кога во Србија продолжуваат продемократските протести предводени од студентите, а довербата во Брисел еродира, ЕУ се наоѓа заглавена помеѓу демократските принципи и нејзината зелена индустриска стратегија, оценува бриселскиот портал „Еурактив“ во својот осврт на состојбите во Србија.

– Актуелните антивладини протести и контроверзиите околу отворањето на рудникот за литиум поврзан со ЕУ во Србија, ги затегнуваат и онака веќе нестабилните односи меѓу српските граѓани и Брисел, се наведува во текстот.

Во него се потсетува дека минатиот вторник беше запален шатор во кампот на провладините демонстранти стациониран пред српското Собрание, инциденти што властите го оценија како „терористички“ напад и го поврза со речиси едногодишните студентски протести во Србија.

– Првата годишнина од трагедијата со уривањето на надстрешницата на новоизградената железничка станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, брзо се наближува, а протестите предводени од студентите низ целата земја што започна по настанот, се уште траат. Во овој контекст, насилството од вторникот додава уште поголема тензија на веќе нестабилната ситуација, што раѓа недоверба во Брисел, наведува „Еурактив“.

Порталот оценува дека она што започна како протести за барање одговорност за падот на надстрешницата во Нови Сад, брзо се разви во национално движење за демократски реформи и политичка транспарентност, привлекувајќи стотици илјади учесници на демонстрации во текот на неколку месеци и што доведе и до оставка на српскиот премиер Милош Вучевиќ.

Според авторот на текстот, на ваквиот развој на настаните српскиот претседател Александар Вучиќ одговори со жестока реториката и ескалација на репресијата.

– Ќе дејствуваме побрзо, посилно. Нема да бараме помош или дозвола од никого во странство, ја пренесува порталот изјавата на Вучиќ по уништувањето на простории на неговата Српска напредна партија (СНС), потсетувајќи дека тој вети дека „ќе ја ослободи земјата од теророт и злото“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека никој не може на сила да ја преземе власта во Србија, откако народот на избори кажал каква влада сака.

„Еурактив“ потсетува дека Србија е кандидат за членство во ЕУ од 2012 година и како таква годишно од Брисел добива околу 300 милиони евра грантови и 1,5 милијарди евра претпристапни средства, но дека земјата остварува бавен напредок на европскиот пат.

– Под водство на Вучиќ, Србија одржува врски и со Русија и со Кина. Српската Влада, исто така, не се усогласи со санкциите на ЕУ кон Москва, иако ја осуди руската инвазија на Украина во 2022 година и во 2024 година на Украина и продаде оружје во вредност од 800 милиони евра, се додава во текстот.

Во него се наведува и дека според „Фридом Хаус“, владејачката СНС на Вучиќ со текот на годините „постојано ги еродирала политичките права и граѓанските слободи, вршејќи притисок врз независните медиуми, политичката опозиција и организациите на граѓанското општество“.

– И покрај широко распространетата загриженост за демократското назадување, Европската Унија примени многу благ притисок врз Владата на Вучиќ. Во средата, во пресрет на годишнина од трагедијата во Нови Сад, Европскиот парламент усвои Резолуција со која силно се осудува „тековната политичка поларизација и државната репресија“ во Србија. Сепак, реакцијата на Комисијата на протестите е одмерена, а комесарката за проширување Марта Кос извештаите за насилство само ги нарече „длабоко загрижувачки“, се додава во анализата.

„Еурактив“ потсетува и дека во јануари годинава истакнати српски активисти упатија отворено писмо до ЕУ во кое побара од Комисијата да биде погласна во осудата, оценувајќи дека владеењето на сегашниот режим не би бил можен без „амбивалентната и недоследна политика на Европската Унија кон Србија“.

Во текстот се нагласува дека додека во декември 2020 година анкетите покажуваа дека членство на Србија во ЕУ поддржуваа 64 отсто од српските граѓани, во септември годинава таа поддршка, според Евробарометар, паднала на 33 проценти, што е најниска во Западниот Балкан.

Порталот оценува дека многумина Срби веруваат оти Европската Унија премолчено го поддржува Вучиќ, кој повеќе заинтересиран за заштита на економските интереси на Европа, отколку на српските граѓани и затоа го поддржува отворањето на контроверзниот рудник за литиум во долината Јадар.

Овој рудник на компанијата „Рио Тинто“, кој според плановите треба да биде почне со работа до 2028 година, би требало да задоволува околу 90 проценти од потребите на Европа за литиум, кој е клучен елемент за зелената транзиција на ЕУ насочена кон намалување на емисиите на стакленички гасови, електрификација на транспортот и ослободување од зависноста од фосилни горива.

Но, постои стравување дека рудникот, кој во својата работа би користел сулфурна киселина, би можел да ги загади подземните води и локалните екосистеми и да загрози повеќе од 20.000 работни места во земјоделството, кој е примарен сектор во тој крај.

„Еурактив“ потсетува дека проектот за рудникот беше замрзнат во 2022 година па масовните протести, но, како што наведува, подоцна тој тивко бил оживеан преку законски и процедурални измени. Според порталот, денес над 63 отсто од Србите се противат на отворањето на рудникот.

Професорот по политичка и културна социологија на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Ерик Горди за порталот оценува дека ниту една вистински демократска влада не би можела да го преживее антирударското расположение во Србија.

– ЕУ веројатно е свесна дека проектот за рудникот на литиум не може да успее ако Србија има демократска влада, изјави Горди.

Затоа, според порталот, за многумина во Србија зборовите на ЕУ звучат празно, бидејќи сè повеќе и повеќе луѓе сметаат дека блокот има премногу некритичен однос кон режимот на Вучиќ.

Претседателот на белградскиот Центар за европска политика, Срѓан Мајсторовиќ, смета дека ваквата состојба станува се позагрижувачка во услови кога „авторитарниот режим на Вучиќ предизвикува се поголемо восхитување и добива симпатии во екстремно десничарските европски политички кругови, кои го сметаат за авангарден режим“.

Мајсторовиќ апелира до земјите членки на ЕУ да препознаат дека долгорочната одржливост на нивните интереси ќе зависи од развојот на демократско владеење во Србија.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2
Маркетинг