Connect with us

Регион

Цвијановиќ: Кризата во БиХ ја предизвика Шмит со недејтонски и неуставни потези

Српската членка на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, денеска изјави дека ситуацијата во БиХ – за која високиот претставник за таа земја, Кристијан Шмит, поднесе извештај пред Советот за безбедност на Обединетите нации – е обележана со криза предизвикана од недејтонските и неуставните потези на Шмит.

„Ова би бил многу порелевантен опис од оној што Шмит го нуди во својот извештај подготвен за претстојната дебата во Советот за безбедност на Обединетите нации за БиХ“, напиша Цвијановиќ на Икс.

Високиот претставник во својот извештај оцени дека во БиХ сè уште преовладува мир, и покрај политичките тензии кои следеа по нападите врз основните начела на Дејтонскиот мировен договор од страна на владејачката коалиција во Република Српска.

Тој истакна дека сите страни во БиХ мора да го почитуваат Дејтонскиот договор, како и судските пресуди, без разлика дали станува збор за пресуди на Судот на БиХ или на Уставниот суд на БиХ, обвинувајќи ја владејачката коалиција во РС дека со години работи против државата и нејзините институции.

Советот за безбедност на ОН ќе одржи седница за БиХ на 31 октомври, под руско претседавање. На оваа седница ќе се разгледува ситуацијата во БиХ, а планирано е и продолжување на мандатот на мисијата ЕУФОР, кој истекува на 1 ноември.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3
Маркетинг