Connect with us

Свет

Де Вевер по блокадата на планот на ЕК за замрзнатите руски средства: Не сум лошото момче на Европа

Белгија не сака ниту едно евро од „имобилизираните“ руски средства да и се врати во Русија, но со планот за нивно користење за поддршка на Украина, Европската Унија се осмелува да навлезе во „неистражени води“, изјави белгискиот премиер Барт де Вевер. 

– Не сум лошото момче на Европа, изјави Де Вивер, откако поради неговото противење лидерите на ЕУ синоќа не го усвоија предлогот на Европската комисија за користење на замрзнатите руски средства за исплата на т.н. заем за репарација за финансиска поддршка на Украина за 2026 и 2027 година.  

Според него, за време на Самиот од другите лидери не добил јасни одговори на неговите загрижености и барања. 

– Не видов никаков конкретен одговор. Ги прашав моите колеги: кој е подготвен? На ова прашање не добив цунами од ентузијазам околу масата, изјави Де Вевер.  

Дополнително, според белгискиот премиер, се уште е нејасно и дали предлогот на Еврокомисијата за користење на овие средства е „воопшто легален“. 

Вчера при пристигнувањето на Самитот на ЕУ во Брисел, Де Вевер истакна дека бара да добие „правна основа“ за таквата одлука, потенцирајќи дека дури и во текот на Втората светска војна имобилизираните средства не биле „чепнати“, па затоа треба да се регулира преземањето на ваков важен чекор.   

Де Вевер рече дека ќе бара „мултилатеризација на ризикот“ со што одговорноста за преземањето на таквиот чекор би била заедничка, потоа ако биде побарано враќање на тие пари во тоа да учествуваат сите на земјите членки, како и за исплата на заемот да се користат руските средства кои се замрзни во сите држави од ЕУ, а не само во Белгија.  

– Треба да се покаже солидарност. Ако овие три барања бидат исполнети би можеле да се согласиме. Во спротивно ќе направам се што е во моја моќ, и на европско, и на национално ниво, политички и правно, да ја спречам оваа одлука, додаде Де Вевер.  

На заедничката прес-конференција по завршувањето на Самитот на ЕУ доцна синоќа, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјавија дека добиле уверувања од првите луѓе на Европската централна банка и Еврогрупата, Кристин Лагард и Паскал Донохју дека предлогот на ЕК за користење на руските средства е во согласност со европското и меѓународното право. 

– Претседателот на Еврогрупата изјави дека ова е најдобриот начин за решавање и спроведување на нашата политичка одлука за обезбедување вистинска финансиска поддршка за Украина за 2026 и 2027 година, рече Кошта. 

Фон дер Лајен, пак, нагласи дека Лагард и Донохју биле многу јасни околу легалноста на предлогот, но дека „има елементи што треба да се решат и тие можат да се решат“.   

Лидерите на ЕУ синоќа се договорија да и наложат на Европската комисија ги реши „технички прашања“ што биле покренати од нивна страна и што е можно поскоро да изнајде „опции“ за обезбедување на потребните средства за поддршка на Украина. 

– Побаравме од Комисијата да презентира опции, Советот да ги анализира и потоа заедно да можеме повторно да се собереме на Европскиот совет во декември и да ја донесеме конечната одлука, нагласи Кошта.  

Де Вевер, пак, изјави дека за обезбедување на средствата за Украина би можело да се организира задолжување на европско ниво, како за време на Ковид пандемијата, иако не е оптимист дека би можел да се постигне конснезус меѓу земјите членки за ваквата идеја. Друга можност, според него, е тие средства да ги обезбеди т.н. „Коалиција на подготвените“ за поддршка на Украина.  

– За нив 45 милијарди евра годишно и не се толку многу, со оглед на големината на таа група земји, рече Де Вевер. 

Најголемиот дел од замрзнатите руски суверени средства или околу 175 милијарди евра се депонирани во клириншката куќа „Еуроклир“ со седиште во Брисел. Белгиската Влада стравува дека користењето на овие средства би можело да го нарушил угледот на Белгија како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства во земјата. 

Но, од друга страна, замрзнатите руски средства во Белгија на белгискиот државен буџет му носат годишен приход од околу 1,25 милијарди евра по основа на корпоративен данок. Со искористување на дел од замрзнатите средства, Белгија би останала со помал приход од наплатата на данокот за нив. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2
Маркетинг