Connect with us

Свет

Стотици истакнати Евреи бараат воведување санкции против Израел

Стотици истакнати Евреи ширум светот испратија писмо до Обединети нации и до светските лидери, во кое бараат да се воведат санкции кон Израел.

Писмото го потпишаа 460 лица, меѓу кои има и поранешни израелски функционери, добитници на Оскар, писатели и интелектуалци, барајќи одговорност за однесувањето на Израел во Појасот Газа, во окупираниот Западен Брег и во Источен Ерусалим.

Тие бараат и светските лидери да ги поддржат пресудите на Меѓународниот суд на правдата и на Меѓународниот кривичен суд, да воведат целни санкции, да ја запрат продажбата на оружје, да обезбедат соодветна хуманитарна помош за Појасот Газа и да ги отфрлат лажните обвинувања за антисемитизам против оние кои бараат мир и го критикуваат Израел.

– Да не заборавиме дека многу закони, повелби и конвенции за заштита и зачувување на сите човечки животи беа создадени како одговор на Холокаустот. Овие мерки за заштита се неуморно прекршени од Израел, се наведува во писмото.

Помеѓу потписниците се поранешниот претседател на Кнесетот, Аврам Бург, поранешниот израелски мировен преговарач Даниел Леви, британскиот писател Мајкл Розен, канадската писателка Наоми Клајн, британскиот режисер Џонатан Глејзер, американскиот актер Волас Шон, добитниците на наградата Еми, Илана Глејзер и Хана Ајнбиндер, како и добитникот на Пулицерова награда, Бенџамин Мозер.

– Нашата солидарност со Палестинците не е предавство на јудаизмот, туку негово исполнување. Кога нашите мудреци учеа дека уништувањето на еден живот е уништување на целиот свет, тие не направија никакви исклучоци за Палестинците. Нема да се смириме додека не продолжи ова примирје и не заврши окупацијата и апартхејдот, се посочува во отвореното писмо.