Connect with us

Свет

ЕП и земјите членки постигнаа компромис за Програмата за европската одбранбена индустрија

По повеќе месечни преговори, претставници на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ доцна синоќа постигнаа прелиминарен компромисен договор околу Програмата за европската одбранбена индустрија (ЕДИП) за периодот 2025-2027 година, вредна 1,5 милијарди евра. 

Програмата, чија прва верзија Европската комисија ја предложи во март 2024 година, има за цел поттикнување на заедничките набавки на земјите членки на ЕУ за потребите на одбраната, зајакнување на одбранбената подготвеност на Унијата преку зголемување на конкурентноста и производството во европската одбранбена индустриска база, како и поддршка на украинската одбранбена индустрија преку наменскиот Инструмент за поддршка на Украина, за кој се предвидени 300 милиони евра. 

По постигнатиот договор данскиот заменик-премиер и министер за одбрана Тролс Лунд Поулсен, чија земја претседава со Советот на ЕУ, изјави дека Програмата за европската одбранбена индустрија е клучна за одбранбената подготвеност на Европа.  

– Таа ќе го зголеми нашиот капацитет за производство и снабдување со клучната одбранбена опрема и ќе обезбеди да можеме брзо и решително да одговориме на се посложеното безбедносно опкружување, нагласи Поулсен.  

Со ЕДИП, според него, во исто време ќе биде продлабочено партнерство на ЕУ со Украина преку приближување на украинската одбранбена индустрија кон европската.  

– Тоа ќе биде во заедничка корист и на Европа и на Украина, додаде Поулсен. 

Главен камен на сопнување во преговорите беше околу тоа дали пристап до средства од ЕДИП, покрај на производителите на оружје и воена опрема од ЕУ, треба да им се овозможи на компании од одбранбената индустрија од трети земји. 

Во тие рамки е договорено учество и на фирми од третите земји, при што вредноста на компонентите за оружјето или опремата произведени надвор од ЕУ да не учествуваат со повеќе од 35 отсто во вкупната цена на крајниот производ. 

Оваа можност се однесува само за компании од партнерските земји, а се забранува набавка на компоненти од држави чии политики се спротивни на безбедносните и одбранбените интереси на ЕУ или нејзините членки. 

Со ЕДИП се предвидува воспоставување и на инструмент за поттикнување на долгорочната соработка во производството на оружје меѓу земјите членки на ЕУ, наречен „Структура за европска програма за вооружување“. 

Исто така, се предвидува и создавање на Европски механизам за продажба на воена опрема, како централизиран каталог на производи на одбранбената индустрија, кој би требало да ја олесни нивната набавка и испорака, да ја засили побарувачката на ниво на ЕУ и да ја зголеми конкурентноста на европската одбранбена индустрија на меѓународниот пазар.  

На инсистирање на европратениците е вметната и одредба со која на земјите членки им се овозможува пренасочување на преостанатите средства од Инструментот за закрепнување и отпорност (РРФ), создаден за справување со последиците од Ковид пандемијата, за поддршка на проекти во рамките на ЕДИП. 

Програмата воспоставува и термин „европски одбранбени проекти од заеднички интерес“, кои се однесуваат на проекти од сферата на одбраната во кои се вклучени најмалку четири земји членки на ЕУ и кои би имале приоритет во финансирањето. 

Постигнатиот договор сега треба да биде потврден и од Европскиот парламент и од Советот на ЕУ, за потоа Програмата да биде и формално усвоена. Европскиот парламент најави дека по договорот парламентарниот Комитет за индустрија, истражување и енергетика и Поткомитетот за безбедност и одбрана ќе се изјаснат в понеделник.