Connect with us

Општини

Носителот на листата на ВМРО – ДПМНЕ, Муслиоски: Убедени сме дека ќе освоиме повеќе места во Советот на општина Дебар

Подготвени и силно мотовирани чекориме кон локалните избори со јасна визија за развој и просперитет за потребите на граѓаните и за нашата заедничка цел, поголема застапеност во Советот на Општина Дебар, порача, Силас Муслиоски, носител на листата за советници од ВМРО-ДПМНЕ.

-Имаме кандидатска листа за советници на која се луѓе со знаење и енергија, кои се подготвени несебично да работат за доброто на секој граѓанин и за развојот на нашата општина. За мене е чест и задоволство, но и голема обврска и одговорност е да се биде носител на советничката листа од ВМРО ДПМНЕ за општина Дебар. Максимално ќе се залагаме во советот да се донесуваат одлуки и решенија за подобра иднина на сите граѓани, додаде Муслиоски.

Најави дека во советот на општината ќе предлагаат проекти за подобри слови за живот на сите жители на општината, зашто „ тоа е нашиот дом, а за домот се бори човек со се што има“.

-Овие избори се вашата приказна. Тоа е избор за училиштето каде учат вашите деца или внуци, за паркот каде се среќавате со пријателите, за болницата во која ја очекувате потребна грижа, за патот по кој чекорите. Затоа искрено и од срце ја барам вашата поддршка и порачувам дека вашиот глас е повеќе од политичка одлука. Секој глас е порака, дека сакаме надеж, сакаме правда, сакаме иднина тука дома. Не ветувам дека ќе биде лесно, но ветувам дека ќе биде вистински, со чесност, со работа и со истрајност, рече Муслиоски.

ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори нема кандидат за градоначалник, а според одлуката на партиските органи на овие избори го поддржува Фисник Меља, од ВРЕДИ.