Connect with us

Општини

Хиохи: Масовната поддршка од стружани за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи подобар и поквалитетен живот за сите

Дислокација на дивата депонија и изнаоѓање решение за расчистување на отпадот, целосна реконструкција на водоводната мрежа, изградба на градинка, катна гаража, стационар за кучиња, модерна патна инфраструктура, се дел од приоритетните проектите што советничката група на ВМРО – ДПМНЕ најави дека ќе ги иницира во советот на Општина Струга.

Носителот на листата, Коста Хиохи вели дека имаат конкретна програма со проекти и визија за развој на Струга, која ќе овозможи подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.

Барајќи масовна поддршка од стружани, на 19 октомври да заокружат 9, посочува дека со доаѓањето на новата локална власт, советничката група на ВМРО – ДПМНЕ веднаш ќе пристапи кон изнаоѓање решение за дислокација на депонијата и решавање на проблемот со отпадот.

– Со изборот на новиот градоначалник и советот на општината, најпрво ќе иницираме конзервирање на дивата депонија, до нејзина конечна дислокација. и набавка на соодветни возила за транспорт на селектираниот отпад, рече Хиохи. 

Паралелно, нагласи, ќе пристапат кон решавање на проблемот со водоснабдувањето на градот и сите населени места преку доизградба на водоводната мрежа, онаму каде не е завршена со претходните проекти и замена на азбестните цевки.

– Ќе извршиме ревизија на функционалноста на водоводната мрежа и детекција и санација на дефектите, но и на дивите приклучоци, при што ќе се ослободи мрежата и ќе се зголеми нејзината функционалност и капацитет. Ќе бидат опфатени и нови извори на вода за пиење, а ќе биде инсталиран и ефикасен систем за елиминирање на силните флуктуации и управување со притисокот во водоводната мрежа во Струга и Струшко. Со инсталирање на таков систем ќе се елиминираат и честите падови на притисокот на вода. Ќе се работи на изнаоѓање решенија за рационално искористување на потрошувачката на вода и намалување на загубите во водоводниот систем, појасни Хиохи.

Еден од главните приоритети, според него, ќе биде изградба на канализациската мрежа или довршување на проектите во селата Враништа, Ложани, Драслајца, Радожда, Калишта, како и довршување на транзитниот цевковод за пречистителна станица Ложани – Биџево – Делогожда.

Носителот на советничката листа на ВМРО – ДПМНЕ најави и иницирање решение за згрижување на децата од предучилишна возраст со изградба нова детска градинка, а најавува и изградба или адаптација на постоечки објект за центар за дневен престој на лица со посебни потреби. 

Вети дека нема да ги изостават ниту инвестициите во спортот со подобрување на спортската инфраструктура, изградба и реконструкција на спортски сали, мултифункционални спортски терени, трим и велосипедски патеки.

За решавање на сообраќајниот хаос во градот, како советничка група Хиохи вети дека ќе иницираат изградба на катна гаража со капацитет од 200 возила во центарот на градот.

За модерна и урбана Струга, Хиохи посочи дека ќе делуваат на подобрување на локалната и патната инфраструктура, асфалтирање локални улици и патишта, реконструкција на училишта, поддршка на бизнисите, проекти за развој на туризмот…