Свет
ЕУ воведе нови правила за платено политичко рекламирање

Европската унија воведе нови правила за платено политичко рекламирање, кои денеска стапуваат во сила, барајќи сите такви реклами јасно да бидат означени и да се открие кој платил за нив и колку, соопшти Европската комисија.
Правилата, исто така, бараат информации за тоа дали рекламата е насочена кон одредена публика, и имаат за цел да се спречи странско мешање во европските избори, пренесе ДПА.
Комисијата соопшти дека регулативата ја штити и слободата на изразување и правото на јавноста на информирање, помагајќи им на граѓаните да разликуваат платена политичка содржина од уреднички материјал или лични политички мислења, и на тој начин го зајакнува интегритетот на изборите.
Комисијата во средата објави водич за спроведување на правилата, кои се однесуваат и на онлајн и на офлајн реклами.
Компанијата Мета, која е сопственик на Фејсбук и Инстаграм, веќе соопшти дека ќе престане да прикажува политички реклами во Европа од октомври, наведувајќи „неизводливи барања и правни неизвесности“ според правилата на ЕУ.
Гугл исто така ја критикуваше регулативата и во септември соопшти дека ќе дозволува само одредени политички реклами на платформи како Јутјуб, вклучувајќи содржини од официјални институции на ЕУ или национални влади.
Индивидуални партии или политичари повеќе нема да можат да поставуваат политички реклами на овие платформи.
октомври 10, 2025