Connect with us

Свет

Турското обвинителство побара до 263 години затвор за градоначалник од опозициската ЦХП

Турското обвинителство денеска поднесе обвинителен акт со кој бара затворска казна од 90 до 263 години за градоначалникот на турскиот град Болу, Танџу Озџан, кој доаѓа од редовите на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП), врз основа на обвиненија за корупција и изнуда.

Како што јави ТРТ Хабер, обвинението ги опфаќа Озџан и уште 18 други осомничени лица. Озџан беше приведен на крајот на февруари заедно со уште 12 лица, меѓу кои и заменик-градоначалникот Сулејман Џан, под сомнение за изнудување локални бизниси. Потоа, на Озџан и Џан им беше одреден притвор, по што турското Министерство за внатрешни работи го разреши Озџан од функцијата и на негово место го назначи Мехмет Туна Озџан како привремен заменик.

Според обвинителниот акт од речиси 200 страници, Озџан и соработниците ги принудувале локалните синџири супермаркети да потпишуваат договори за рекламирање со компанија поврзана со општината. Притоа, тие се заканувале со инспекции и административни санкции доколку бизнисите одбијат соработка. Обвинителството тврди дека преку оваа шема се оштетени вкупно 41 лице за стотици илјади турски лири.

Против Озџан се покренати вкупно шест обвиненија за изнуда, три за обид за изнуда, 34 за тешка измама и едно за поткуп. За останатите обвинети, обвинителството побара казни кои варираат од една до 218 години затвор.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1