Свет
Швајцарија ќе ги чека американските системи „Патриот“ уште седум години, цената двојно повисока
Федералниот совет на Швајцарија денеска соопшти дека набавката на американскиот систем за противвоздушна одбрана ќе биде одложена за пет до седум години.
Се наведува дека подолгото доцнење на испораката на системот „МИМ-104 Патриот“ (MIM-104 Patriot) е последица на војната на Блискиот Исток, пренесе швајцарскиот јавен сервис СРФ. Досега се најавуваше доцнење од четири до пет години, а беше планирано американските ПВО-системи да бидат испорачани во 2027 и во 2028 година.
Во меѓувреме, американската влада ѝ претставила на Швајцарија можни опции за натамошната постапка и ги конкретизирала во разговори со швајцарската Федерална агенција за вооружување „Армасуис“.
Повикувајќи се на неименувани, добро упатени извори, медиумите тврдат дека цената за пет системи би можела да се удвои – од првичните 2,3 на 4,6 милијарди швајцарски франци. Официјален Вашингтон ги користи средствата од швајцарските уплати за нарачаните борбени авиони „Локид Мартин Ф-35 лајтнинг II“ (Lockheed Martin F-35 Lightning II) и за системите „Патриот“, наведува СРФ.
мај 14, 2026
