Свет
Апелациски суд во САД привремено ја суспендира пресудата изречена против увозните даноци воведени од Трамп
Американскиот претседател, Доналд Трамп, обезбеди привремена правна победа во судскиот спор покренат поради неговата царинска политика, откако Федерален апелациски суд привремено ја суспендира пресудата со која минатата недела беа прогласени за незаконски неговите увозни царини.
Со одлуката на Апелацискиот суд, увозниците засега ќе продолжат да плаќаат царина од десет проценти. Станува збор за привремена мерка додека Апелација го разгледува барањето на администрацијата на Трамп за поништување на одлуката на Судот за меѓународна трговија во Њујорк.
Тужителите, меѓу кои се сојузната држава Вашингтон и две компании, имаат рок од седум дена да одговорат. Доколку и Апелацискиот суд пресуди против царините, администрацијата на Трамп би можела да се обрати и до Врховниот суд на САД.
Американската администрација оцени дека одлуката на Трговскиот суд сериозно би ја поткопала трговската агенда на претседателот и би ги дестабилизирала напорите за намалување на долгогодишниот трговски дефицит.
Минатата недела Судот за меѓународна трговија оцени дека Трамп ги пречекорил своите овластувања со воведувањето на привремената царина од десет проценти, наведувајќи дека погрешно го толкувал трговскиот закон на кој се повикал.
Од 24 февруари оваа година САД воведоа десетпроцентна царина за најголем дел од увозот, откако Врховниот суд претходно прогласи за незаконски дел од претходните царински мерки на Трамп.
Потоа, Трамп се повика на итно решение преку трговски закон од 1974 година, кој дозволува такви давачки да се применуваат најмногу до 150 дена.
мај 13, 2026
