Connect with us

Вести

„Пријателите на Западен Балкан“ порачаа дека нема скратен пат до ЕУ, но можна е делумна интеграција

Шефовите на дипломатиите на земјите членки на групата „Пријатели на Западен Балкан“ денеска во Братислава се согласија дека Европската Унија не смее да губи време во денешните геополитички турбуленции и мора да го продолжи проширувањето без скратен пат, врз основа на критериуми, но и да го забрза процесот преку интегрирање на земјите кандидати во одредени структури уште пред полноправното членство.

– Проширувањето останува процес заснован на критериуми. Но, за да напредуваат, земјите мора да спроведат реформи, а знаеме дека реформите бараат време, кое во денешните нестабилни геополитички околности немаме луксуз да го трошиме. Затоа мораме да бараме нови модели на интеграција кои ќе им овозможат на нашите соседи побрзо и подлабоко да се интегрираат во европските структури дури и пред полноправното членство – изјави еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

На прес-конференцијата Марта Кос и домаќинот, шефот на словачката дипломатија Јурај Бланар, како примери за такво забрзување на влезот во структурите на ЕУ ги наведоа европскиот систем за плаќање СЕПА, во кој сега се Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Србија, како и вклучувањето во роаминг-зоната, на што интензивно се работи во ЕУ.

– Ако сакаме да ги поддржиме проевропските сили во земјите кандидати, луѓето во нив мора да видат дека европскиот пат носи резултати. Процесот на евроинтеграција, значи, оди на два колосека: врз основа на исполнети критериуми, но кога ќе спроведат делумна реформа во одредена област, можеме да ги интегрираме и пред полноправното членство – рече Марта Кос.

Бланар нагласи дека сите се свесни оти во процесот на проширување не смеат да се применуваат двојни аршини и дека процесот за земјите од Западен Балкан, на кои ЕУ им вети членство уште пред 20 години, трае премногу долго. Тој апелираше побрзо и поинтензивно да се искористат средствата од Планот за раст на Западен Балкан, кој тежи шест милијарди евра, за подобро поврзување и подготовка на кандидатите.

Марта Кос предупреди и на безбедносниот аспект, истакнувајќи дека стабилноста на Западен Балкан е неопходна за безбедноста на ЕУ.

– Ако ние не ги интегрираме нашите соседи, тоа ќе го искористат другите. Во сегашните луди геополитички околности, тие можат да ги искористат против нас, како што тоа го прави Русија во Белорусија, каде што ги употребуваат мигрантите како оружје против ЕУ – изјави таа.

Бланар и Кос оценија дека првата половина на 2030 година реално би можела да биде пресвртница – Бланар изрази надеж дека Црна Гора тогаш ќе стане 28-ма членка на ЕУ, додека Кос нагласи дека некои земји си поставиле амбиција дотогаш да го заокружат целиот пристапен процес.

Групата „Пријатели на Западен Балкан“ ја сочинуваат Италија, Австрија, Грција, Чешка, Словачка, Хрватска и Словенија, а е формирана со цел забрзување на пристапниот процес и интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 1