Connect with us

Вести

Лафчиски и Нуфи ги потврдија добрососедските односи и посветеноста за понатамошно зајакнување на соработката во одбраната и безбедноста

Началникот на Генералштабот на македонската армија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во рамки на тридневната посета на Албанија, денеска оствари средба со министерот за одбрана Ермал Нуфи.

-За време на средбата беше подвлечена важноста на тесната соработка за коридорот 8, како клучен чекор за воената мобилност и безбедноста на Западен Балкан. Искажана е заедничка оценка дека двете земји имаат добрососедски односи и, како сојузници на НАТО, се посветени на одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и на целиот европски континент, објави АТА.

Министерот Нуфи, осврнувајќи се на сложената безбедносна средина и предизвиците на времето, ја нагласи потребата од понатамошно зајакнување на воената соработка меѓу вооружените сили на Албанија и оние на Македонија, додавајќи дека Албанија цврсто стои рамо до рамо со своите сојузници и стратешки партнери.

– Како сојузници на НАТО, ги потврдивме добрососедските односи и посветеноста за понатамошно зајакнување на соработката во областа на одбраната и безбедноста со цел одржување на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко, објави Нуфи.

За време на средбата на македонската делегација и домаќините, нагласено е дека двете земји продолжуваат активно да придонесуваат во регионалните безбедносни иницијативи и да ги поддржуваат стратешките цели на НАТО, а беше потенцирано дека тесната регионална соработка останува суштинска за стабилноста на Западен Балкан.

– Страните разговараа за придонесот на значаен персонал во мисијата на Европската Унија ЕУФОР АЛТЕА, како и во мисијата на НАТО, КФОР, која останува клучен столб за стабилност, безбедност и просперитет во Косово и низ целиот наш регион, наведува агенцијата.

Во моментов, Албанија и Македонија тесно соработуваат во рамките на НАТО, исто така и преку регионални иницијативи како што се СЕДМ/СИБРИГ, иницијативата САД-Јадранска повелба (А-5) итн.

Лафчиски престојува во Албанија на покана од неговот албански колега  генерал-потполковник Арбен Кинџи, со кого разговарале за унапредување на билатералната воена соработка, размена на искуства, зајакнување на регионалната и колективната безбедност и стабилност, како и меѓусебна соработка при справување со кризи. Во текот на посетата, која завршува утре, генералот Лафчиски ќе го посети и Полкот за специјални операции на Вооружените сили на Република Албанија, каде ќе присуствува на демонстрација на дел од нивните способности.

Посетата на македонската армиска делегација претставува потврда за одличната соработка и партнерските односи помеѓу двете армии, како и заедничката посветеност кон придонес во колективната безбедност во рамки на НАТО. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 1