Вести
Собраниска „виза“ за извештајот на Судскиот буџетски совет и работата на Судскиот совет во 2025 година
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ги усвои извештаите на Судскиот буџетски совет за реализација на Судскиот буџет за 2025 година, како и годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2025 година.
Според претседателот на комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов, годинава дополнителен квалитет на седницата беше присуството и следење на јавната расправа од страна на претставници на невладини организации.
-За прв пат, по новиот закон имаме јавна расправа која ја следат невладини организации од областа на правосудството и човековите права, и тоа е нов квалитет во работата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците- нагласи Пренџов.
Извештајот за Судскиот буџетски совет за реализација на Судскиот буџет за 2025 година, како и Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2025 година, пред членовите на комисијата ги презентираше претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски кој освен за приходниот и расходниот дел на извештајот, се фокусираше и на човечките ресурси во Судскиот совет.
-Човечките капацитети се најважниот ресурс со кој располага секоја судска власт. Квалитетот, обемот и степенот на развој на човечките ресурси и нивниот потенцијал го условува функционирањето, независноста и ефикасноста на судската власт, како и степенот на доверба на судската власт во општеството. Носечкиот столб во обезебедувањето и заштита на човековите права и слободи е судијата, па од тука обезбедувањето на соодветни услови од сите аспекти за непречено реализирање на истата е дефинирано како приоритет на Судскиот буџетски совет- истакна Камбовски.
Според извештајот и систематизацијата на ниво на судска власт постои потреба од 639 судии, а до 31.12.2025 година пополнети се 418 судиски места, односно 65 насто од утврдениот потребен број. Во рамки на сите судови во државата систематизирани 4751 работно место за судска служба, а заклучно со 31.12.2025 година, пополнети се 1803 лица, односно 37,95 проценти, информираше претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.
-Ако треба да се солидаризираме со нешто, мора да кажам дека во извештајот има една објективна нота, а тоа е потребата од дополнителни средства и човечки ресурси. Мислам дека тоа ќе помогне многу повеќе во зголемувањето на капацитетот на судовите за решавањето на проблемите на сите граѓани без разлика дали некој има предмет во Крушево, или во Берово, Струга, Велес, Куманово…Се надевам дека тука Судскиот совет заедно со другите судови во државата ќе успее начин да излобира кај надлежните власти во една конструктивна соработка да се избори за подобар буџет и тоа како пратеник предлагам да ни биде заднички именител, односно да дадеме една солидарност за зголемување на овие буџетски и човечки капацитети за да можеме потоа да имаме поголема основа да бараме подобри резултати и поголема ефикасност и од Судскиот совет и од судовите во државата- истакна пратеникот Антонијо Милошоски.
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците едногласно ги проследи во понатамошна процедура на Собранието извештаите на Судскиот буџетски совет за реализација на Судскиот буџет за 2025 година, како и годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2025 година.
октомври 22, 2026


