Connect with us

Сцена

Кристина Еплгејт нема мултипла склероза, добила погрешна дијагноза, но не знае од што боледува

Кристина Еплгејт објави дека ѝ била поставена погрешна дијагноза за мултипла склероза – повеќе од пет години откако соопшти дека ѝ било кажано оти боледува од оваа хронична состојба.

Еплгејт, која се наоѓа среде шестото десетлетие од својот живот, ја сподели веста во својот подкаст „Меси“ (“MeSsy, неуредна“), во којшто таа и со-водителката Џејми-Лин Сиглер разговараат за животот со мултипла склероза. Откако официјално ѝ била дијагностицирана болеста, таа стана гласен застапник за подигнување на свеста за МС. Еплгејт направи пауза од подкастот изминативе неколку недели, па во вчерашната епиизода таа рече дека го искористила овој период за да ја процесира новата информација којашто слушателите треба да ја знаат.

Американската глумица, како што пренесува „Си-би-ес њуз (CBS News)“, раскажа дека ова го знаела неколку години. Лекарите направиле дополнителни испитувања и утврдиле: Еплгејт, всушност, никогаш немала МС.

– Лекарката влезе во собата и рече: „Честитки, немате МС“. А, јас, некако… Воопшто не бев среќна. Сите други беа пресреќни… Се чувствувам како да сум ги изневерила сите. Тоа сѐ уште е многу обесхрабрувачки и навистина збунувачки, изјави Еплгејт.

МС е болест каде што имунолошкиот систем на телото го напаѓа централниот нервен систем. Според американското Национално здружение за мултипла склероза, симптомите се разликуваат од човек до човек, а постојат и повеќе видови на болеста. Причината за оваа состојба е непозната, а нејзиниот тек е невозможно да се предвиди.

Д-р Марва Кајси, вонреден професор на одделот за неврологија при Медицинскиот центар „Сидарс-Синај“, во подкастот изјави дека речиси еден од пет луѓе на кои им било кажано дека имаат МС, „всушност ја немале“ болеста. Погрешните дијагнози за оваа состојба се „прилично чести“, вели, бидејќи не постои еден единствен тест за нејзино утврдување.

Еплгејт наведе дека, во времето кога ѝ била поставена првичната дијагноза, таа поминала низ низа испитувања, вклучително и лумбална пункција и магнетна резонанца. Скенирањата покажале лезии на нејзиниот мозок. Таа додаде дека сè уште има сериозни симптоми коишто ѝ го отежнуваат секојдневието и го ограничуваат нејзиното движење.

– Не е дека кога ќе ти откријат погрешна дијагноза, потоа одеднаш – „ете, подобра сум“, појасни Еплгејт. – Всушност, мене состојбата ми се влоши. Така што, повторно сум на почетокот – не знам што се случува со мене. Лекарите ќе спроведат подробно испитување за да утврдат што се случувало од 2021 година наваму и зошто дојде до ова. Испитувањето ќе започне следната недела, вели таа.

Еплгејт претходно зборуваше за животот со симптоми како што се вкочанетост, губење рамнотежа и пецкање во екстремитетите. Во интервју за „Њујорк тајмс“ од 2022 година, таа говореше дека „не може да оди без бастун“. Во тоа време, таа користела ортопедска количка, па за време на снимањето на хит-серијата „Вие сте мртви за мене (Dead To Me)“, сценариото било приспособено да се земе предвид нејзината состојба. Во 2023 година, Еплгејт изјави дека симптомите можеби ќе ја принудат да се откаже од глумата пред камера. А пак, вчера, таа сподели дека трипати неделно оди на физикална терапија.

Ad
Ad