Connect with us

Сцена

Шон Мекгир веќе не е креативен директор на „Меквин“

Ирскиот дизајнер Шон Мекгир се повлекува од местото креативен директор на модната куќа „Александар Меквин“ (Alexander McQueen) по три години, објави денес француската луксузна групација „Керинг“ (Kering), којашто е сопственик на брендот. Името на новиот креативен директор ќе биде објавено наскоро.

Мекгир (38), родум од Даблин, застана на чело на „Меквин“ во октомври 2023 година, доаѓајќи од брендот „Џеј-Даблју Андерсон“ (JW Anderson), каде што раководеше со линијата на готова облека. Тој е дипломец на колеџот „Централ Сент Мартинс“ (Central Saint Martins) во Лондон, Англија. Инаку, ја наследи Сара Бартон, која мина 26 години во модната куќа – од коишто 13 како креативен директор, по смртта на основачот Ли Александар Меквин во 2010 година. Бартон во меѓувреме го презеде раководењето со модната куќа „Живанши“ (Givenchy). Џанфранко Д’Атис, претседател и извршен директор на „Александар Меквин“, истакна дека талентот и страста на Мекгир ѝ помогнале на модната куќа повторно да се поврзе со Лондон, неговата култура и креативна енергија.

– Исклучително сум горд на прогресивната енергија што ја негувавме како тим, втемелувајќи ја нашата креативност во современата култура, како и на фактот дека таа наиде на одзив кај најхрабрите и најекспресивните личности од светот на уметноста, музиката, филмот и пошироко, изјави Мекгир.

Пред ангажманот во „Џеј-Даблју Андерсон“, Мекгир работел за „Дрис ван Нотен“ (Dries Van Noten) и „Уникло“ (Uniqlo). Колекциите на Мекгир ги поместуваа границите, но наидоа на поделени реакции кај критичарите, забележува „Фешн-нетворк“ (FashionNetwork). Неговите идни планови сè уште не се познати.

Својата последна колекција за „Меквин“ ја претстави на 20 септември во капелата „Линколнс ин“ (Lincoln’s Inn Chapel) во Лондон. Ова значеше враќање на модната куќа на Лондонската модна недела, по неколкугодишно одржување на ревиите во Париз. Според порталот „Индустри-фешн“ (TheIndustry.fashion), и новиот креативен директор ќе дебитира токму во Лондон.

– Би сакал да му се заблагодарам на Шон за неговиот придонес и посветеност кон модната куќа „Александар Меквин“, додаде Лука де Мео, извршен директор на „Керинг“.

Заминувањето на Мекгир доаѓа четири месеци откако Д’Атис – поранешен раководител во „Прада“ (Prada), на 3 јуни застана на чело на „Меквин“. Минатата година, „Керинг“ почна стратешка ревизија на работењето со цел модната куќа повторно да стане профитабилна. Според наводите, „Меквин“ моментално спроведува отпуштања и намалување на својата малопродажна мрежа како и преполовување на бројот на продавниците до крајот на годината. 

Ad
Ad