Connect with us

Сцена

Убиецот на Тупак осуден на 40 години затвор

Дуејн Дејвис – поранешен водач на банда е осуден на најмалку 40 години затвор за организирање на убиството на американскиот рапер Тупак Шакур во 1996 година – 30 години откако влијателната хип-хоп ѕвезда беше застрелана.

Дејвис беше уапсен во Лас Вегас во 2023 година и обвинет за убиство, меѓу другите кривични дела. Првично се изјасни невин. Судот ја изрече пресудата вчера во Лас Вегас, Невада, САД – околу шест недели откако поротата го прогласи 63-годишниот Дејвис за виновен. Законот во Невада дозволува лицата кои помагаат во извршување на убиство да бидат осудени за убиство. Осудениот се појави во судницата со лисици на рацете и преку својот адвокат изјави дека ќе поднесе жалба.

Обвинителите не го товареа Дејвис дека лично пукал. Наместо тоа, тие тврдеа дека поранешниот водач на уличната банда „Саут сајд комптон крипс“ го осмислил нападот како дел од конфликт меѓу сопернички групи и го обезбедил оружјето.

Случајот со години остана нерешен поради недостиг на доволно докази. Полицијата соопшти дека токму изјавите на Дејвис им помогнале на истражителите да постигнат напредок. Имено, Дејвис во повеќе интервјуа, а и во својата автобиографија, изјави дека се наоѓал во белиот „Кадилак“ од којшто биле испукани истрелите. Тој тврдел дека бил единствениот преживеан патник во возилото и во 2008 година им кажал на истражителите оти неговиот внук ги испукал смртоносните истрели.

Адвокатот на одбраната, Мајкл Санфт се обиде да ги дискредитира тие изјави, тврдејќи дека Дуејн Дејвис измислувал приказни за да заработи пари. За време на судењето не беа изнесени материјални докази што би го поврзале Дејвис со местото на злосторството.

Шакур беше еден од најуспешните и највлијателните рапери во 90-тите, продавајќи милиони албуми ширум светот. Познат по хитовите како „California Love“ и „Changes“, тој беше застрелан додека се наоѓаше во автомобил во Лас Вегас на 7 септември 1996, а почина в болница шест дена подоцна, на 25-годишна возраст.

Ad
Ad