Свет
Навроцки: Не смееме да ја ставиме нашата безбедност во сеф чии клучеви се во други европски престолнини
На почетокот на големата годишна воена парада по повод Денот на армијата во Варшава, полскиот претседател Карол Навроцки порача дека, исто како и пред 106 години, заканата за Полска доаѓа од истата страна – од Русија, но нагласи дека денес земјата мора да победува во битките без да војува, што според него е можно само доколку никој друг освен Полска ги нема клучевите на нејзината безбедност.
– Во текот на овие 106 години не се променија заканите за Полска. Заканата доаѓа од истата страна, од неоимперијална Русија. Затоа мораме, бидејќи сме одговорни за Европа, НАТО и полскиот војник, да направиме сè за Варшавската битка на 21 век да биде победа – но без војна – рече Навроцки.
Потсетувајќи на таканареченото „чудо на Висла“, односно битката во Полско-советската војна пред 106 години кога полската армија го запрела напредувањето на Црвената армија кон Запад, Навроцки истакна дека денес сите клучеви на безбедноста мора да бидат во Варшава.
– Не смееме да ја ставиме нашата безбедност во сеф чии клучеви се во други европски престолнини, дури и во оние пријателските и сојузничките – порача тој.
Полскиот претседател предупреди дека целото оружје и воената опрема што минуваат по булеварите покрај Висла се купени со пари од полските даночни обврзници, а не благодарение на новиот европски фонд за поволни кредити СЕЈФ (SAFE). Оваа програма беше иницирана од Полска и од неа ѝ припаднаа речиси 44 милијарди евра за модернизација на армијата и одбранбената индустрија.
– На знамињата на Полската армија со векови пишува ‘Бог, чест и татковина – а не СЕЈФ“, додаде Навроцки, алудирајќи на главното мото на годинешната парада „Полска СЕЈФ – безбедна Полска“.
Вицепремиерот и министер за одбрана Владислав Кошњак-Камиш се надоврза на изјавата, одговарајќи на прашањето зошто на 106-годишнината од „чудото на Висла“ главното мото е ткн. СЕЈФ – програма во која Навроцки безуспешно се обиде да го спречи учеството на Полска со ставање вето на законот за користење на тие средства.
– Зошто на парадата е тој англиски збор? Ќе одговорам на полски: С како сојузи, А како армија, Ф како фабрики, Е како Европа. Четири букви, четири поими. Не се на продажба, ниту може нешто да ги замени – изјави Кошњак-Камиш, потсетувајќи го претседателот дека Полска е клучен дел од денешна Европа.
– Полска денес ги утврдува насоките по кои се движи Европа. Денес ја пишуваме безбедносната стратегија и за нас и за Европа, бидејќи сме лидери во спречувањето на нелегалната миграција, нашата источна граница е најмалку пропустлива во Европа, а Полска е лидер во вооружувањето – изјави министерот за одбрана.
Годинешната воена парада во целосен сјај ја прикажа модернизираната полска армија, која заедно со територијалната одбрана веќе има 220.000 војници, а крајната цел е, заедно со активните резервисти, Полска да има половина милион луѓе под оружје.
Парадата започна со скок на девет падобранци со знамињата на Полска, НАТО, Европската Унија и петте родови на вооружените сили. По булеварот покрај Висла дефилираа речиси 2.000 војници и 300 борбени возила, меѓу кои американските тенкови „Абрамс“, јужнокорејските К2, германските „Леопард“, борбените возила „Борсук“, ракетните системи ХИМАРС и американскиот противвоздушен систем „Патриот“.
Над Висла прелетаа 60 летала, вклучувајќи ги неодамна набавените американски борбени авиони Ф-35, борбените хеликоптери АХ-64 „Апач“, како и други авиони и хеликоптери. Полската армија годинава ги претстави и своите беспилотни летала, а како посебна атракција беше изложено и беспилотното подводно возило „Хугин“ од норвешко производство, наменето за откривање подводни мини.
Меѓу сојузничките војници кои учествуваа на парадата немаше украински војници. Полските власти објаснија дека причина за тоа не се влошените полско-украински односи, туку фактот што е неразумно да се повлекуваат неопходни единици од фронтот само за да учествуваат на парада.
Поради високите температури, армијата посвети посебно внимание на воените животни. Коњаницата учествуваше со посебни мерки за заштита, додека од учеството на воените кучиња целосно се откажа поради жешкиот асфалт, иако тие секогаш привлекуваат големо внимание кај публиката.
август 16, 2026
