Свет
Лихтенштајн воведува родова еднаквост при наследувањето на престолот
Кнежевскиот двор на Лихтенштајн денеска, на националниот празник на земјата, соопшти дека воведува родова еднаквост при наследувањето на престолот.
Отсега првороденото дете во монархиското семејство, без оглед дали е девојче или момче, ќе го има правото да биде престолонаследник.
„Редоследот на наследување на престолот преминува од машко првородство кон апсолутно првородство. Тоа значи дека во иднина првороденото дете, без оглед на полот, ќе стане наследник на престолот, а потоа принцеза или принц на Лихтенштајн“, се наведува во официјалното соопштение на Кнежевскиот двор.
Лихтенштајн е уставна монархија со која од 1989 година раководи кнезот Ханс-Адам Втори, но неговиот син, престолонаследникот Алоис, ја извршува функцијата регент и управува со секојдневните државни работи од 2004 година.
Со промената на редоследот на наследување „сакаме да гарантираме дека и Кнежевството Лихтенштајн и Кнежевскиот двор ќе бидат раководени од човекот кој бил најдобро подготвен за оваа улога“, објаснува престолонаследникот Алоис во соопштението.
„Станува збор за синовите и ќерките на суверенот, кои растат во Вадуц и од најрана возраст се запознаваат со особеностите на Кнежевството и Кнежевскиот двор“, истакнува тој.
Алоис и неговата сопруга Софија Баварска имаат четири деца, а нивниот првороден син Јозеф Венцел Максимилијан Марија е роден во 1995 година.
Династијата Лихтенштајн, која потекнува од Долна Австрија, ги стекнала грофовијата Вадуц и владението Шеленберг во 1699, односно во 1712 година. Во 1719 година двете територии биле обединети во кнежевство во рамките на Светото Римско Царство.
Лихтенштајн се наоѓа меѓу Швајцарија и Австрија и има околу 40.000 жители.
август 16, 2026
