Connect with us

Свет

Во Полска откриена статуа на Богородица за која се верува дека е највисока во Европа

Огромна статуа на Богородица, за која се верува дека е највисока во Европа, денеска беше откриена во мало полско село, а нејзината изградба ја финансираа некои од најбогатите полски бизнисмени.

Статуата е висока вкупно 55,6 метри и се наоѓа во местото Конотопје, во централна Полска, кое има помалку од 150 жители. Во вкупната височина е содржан и постаментот во форма на круна, кој сам за себе е висок 15 метри.

Овој споменик е повисок, иако се наоѓа на помалку впечатлива локација, од светски познатата статуа на Христос Спасителот во Рио де Жанеиро, Бразил, која заедно со постаментот има височина од околу 38 метри.

Таа ја надминува и височината на друг верски монумент во Полска – статуата на Христос Царот во западниот град Швебоџин, поставена во 2010 година, чија височина заедно со постаментот изнесува околу 52 метри. Во светски рамки, постои само една повисока статуа посветена на Богородица – онаа на Филипините, која достигнува височина од околу 98 метри.

Големо мнозинство од Полјаците се идентификуваат како католици, а Католичката црква има силна улога во јавниот живот на земјата уште од падот на комунизмот во 1989 година, користејќи го авторитетот и престижот стекнати преку поддршката на тогашната антикомунистичка опозиција.

Полска е и родно место на папата Јован Павле Втори, чија монументална статуа, иако значително помала од новооткриената статуа на Богородица, беше поставена пред една деценија во градот Ченстохова.