Вести
Државни и воени делегации оддадоа почит на загинатите бранители кај Љуботенски бачила
Делегации од Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, Владата, Собранието и Кабинетот на претседателката на државата денеска положија цвеќе пред спомен-плочата во касарната „Илинден“, во спомен на осумте припадници на резервниот состав на Армијата кои загинаа во 2001 година кај месноста Љуботенски бачила.
Централната делегација од Генералштабот и Министерството за одбрана ја предводеше началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски. Цвеќе положи и владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, како и делегации од Собранието, предводена од пратеничката Иванка Василевска, и од Кабинетот на претседателката на Република Северна Македонија, предводена од полковник Билјана Блажевска.
Пред спомен-плочата оддадоа почит и припадници на Воената полиција, делегација предводена од полковник Игор Минчов, како и членови на семејствата на загинатите.
Во обраќањето пред присутните, претседателот на здружението „Херои на Македонија“, Владо Стојановски, истакна дека споменот на загинатите припадници на Армијата треба да се чува и да се пренесува на идните генерации. Посочи дека сите учесници во борбените дејства се еднакви и дека нивната жртва треба да биде почитувана.
– Се навршуваат 25 години од трагичниот настан кога згаснаа животите на нашите синови, браќа и сопрузи. Тие оставија трага и живот кој несебично го дадоа за својата татковина. Нема големи и мали борци, сите оние кои учествувале во борбата се еднакви и имаат свои права. Оддаваме почит за сите кои покажаа како се сака и брани татковината, со порака од ова место тоа никогаш повеќе да не се повтори. Нека им е вечна слава – порача претседателот на Здружението „Херои на Македонија“.
На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
август 10, 2026
