Регион
Јотова: Благодарение на ПСЈИЕ целиот регион напредуваше кон ЕУ
Бугарската претседателка Илијана Јотова денеска, на отворањето на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија, изјави дека благодарение на оваа платформа целиот регион напредуваше кон ЕУ и дека е постигната регионална соработка.
„Ова е значаен механизам што постои веќе 30 години и ги зближува земјите од регионот и се покажа како одлична платформа за разговори. Од декларацијата во Софија во 1996 година до денеска, благодарение на ПСЈИЕ, целиот регион напредуваше кон ЕУ, постигната е подобра поврзаност, а регионалната безбедност е зајакната“, рече таа на отворањето на самитот.
Таа додаде дека овој самит е единствениот регионален механизам што има јасно дефинирана стратегија за 2020-2030 година за постигнување на целите за одржлив развој.
„Денес е потребно да се продолжи со оваа платформа, но да се прилагоди на современото време и предизвиците што се сложени и што можеме да ги надминеме само заедно“, рече Јотова.
Во Софија денеска започна Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), на кој учествуваа највисоките претставници на земјите и владите од регионот, како и претставници на регионалните организации.
Годинашниот самит се одржува под слоганот „Зајакнување на регионалното единство за стабилна, безбедна и одржлива иднина – осврт кон 30 години партнерство и напредок“.
За време на самитот ќе бидат разгледани можностите за подобрување на регионалната соработка, економската поврзаност, безбедноста, одржливиот развој и заедничкиот одговор на предизвиците со кои се соочуваат земјите од Југоисточна Европа.
На самитот учествуваат претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, и шефовите на дипломатиите на Турција и Грција, Хакан Фидан и Јоргос Герапетритис, како и други високи функционери од регионот.
јуни 11, 2026

