Свет
Зеленски: Рускиот ноќен напад врз Днепар траеше повеќе од шест часа
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека рускиот ноќен напад врз Днепар и регионот траел повеќе од шест часа.
– Ракетниот напад оштети станбена зграда, а тешко е погодена и друга цивилна инфраструктура. Нападот исто така беше насочен кон енергетски објекти и станбени згради во регионот – информира Зеленски во објава на Х.
Како што наведе, дронови ја погодиле и Одеса, а едно од беспилотните летала погодило брод во сопственост на Кина.
– Русите не можеа да не знаат кој брод се наоѓаше на море. Вкупно е забележано разурнување во осум региони, а досега е пријавено дека десетици луѓе во земјата се повредени, вклучувајќи и деца – додаде тој.
Според него, во овој напад Русите користеле 524 борбени дрона и 22 ракети од различни типови, балистички и крстосувачки ракети.
– Предупредувањата за воздушен напад остануваат во сила во многу погранични и фронтовски заедници, но нашите служби дејствуваат секаде каде што безбедносната ситуација дозволува. Русија се потпира на балистички ракети за да удира врз луѓето и токму затоа ние во Европа мораме да сториме сè што е можно за да обезбедиме сигурна заштита од ова – изјави Зеленски.
Тој нагласи дека Европа мора да има сопствени антибалистички системи и да биде самодоволна во соочувањето со овие закани.
– Уште еднаш повторуваме – потребни ни се сопствени антибалистички капацитети и посилна украинска противвоздушна одбрана токму сега. Оваа недела ќе биде фокусирана на соработката со нашите партнери за зајакнување на заштитата на животот – заклучи претседателот на Украина.

