Општини
Мицкоски: Кичево се гради и развива, ги исполнуваме ветувањата дадени пред кичевчани
По години застој во реализацијата на проекти, во Кичево се забележуваат првите знаци на развој и во периодот што следува како Влада ќе продолжиме да помагаме за развојот на општина Кичево – порача при денешната посета на Кичево претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, како и заменик-министри, директори на државни институции и пратеници изврши увид во реализараните проекти и оние што во моментот интензивно се градат.
– Да им се заблагодарам на моите колеги од Владата што денеска се тука, како и на министерот за социјална политика, демографија и млади и на замениците во министерството за животна средина и просторно планирање и во јавната администрација. Тука се исто така и пратениците од македонското Собрание, кои даваат максимум, за да имаме проект повеќе овде во Кичево, така беше до сега, така ќе продолжиме и во периодот што следува, а јас како претседател на Владата, како и до сега, така и од сега па и натаму, ќе ги поддржувам сите овие иницијативи што доаѓаат од Општина Кичево – рече Мицкоски.
Градоначалникот на општина Кичево, Александар Јовановски, истакна дека кога ја презел градоначалничката функција, затекнал проекти што се во застој, односно биле тендерирани, како што вели, од Владата на ВМРО ДПМНЕ, дадени средства од унгарскиот кредит, меѓутоа, поради грешки во проектите, од разни тривијални причини, биле блокирани.
– За среќа, успеавме да ја завршиме улицата Маршал Тито. Успеавме да дојдеме до фаза на асфалтирање на улицата 4 јули, се почна улицата Тренко Тасевски, која е од круцијално значење и се чини дека е една од најголемите населби во Кичево. За среќа, се реконструира пристапниот пат кон селото Србица и тука ми е особено задоволство затоа што тука се предците на мојата сопруга. Така што ми претставува особено задоволство што успеавме тука да оствариме еден убав проект. Во тек имаме една голема група на проекти, кои се одвиваат во Гарани, во селото Грешница, во селото Зајас, зборувам за северната страна на општината – изјави Јовановски.
Градоначалникот на Кичево, Јовановски, додаде дека се реализираат проекти и на јужната страна на општината, како што се изградба на два водоводни резевоари во селата Иванчишта, Душегубица и пристапни патишта кон три села.
– И, така, сега сме во една фаза за која верувам дека за многу бргу ќе придонесе нашиот град малку да го промени ликот и да добиеме една поубава и попријатна средина за сите наши жители – вели Јовановски.
мај 16, 2026
