Connect with us

Свет

Руте признава: Сојузниците беа „бавни“, Трамп разочаран од поддршката на НАТО за Иран

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте оцени дека дел од сојузниците бавно реагирале во поддршката на САД во војната со Иран, дополнувајќи дека претседателот Доналд Трамп изразил сериозно незадоволство.

– Кога дојде време да се обезбеди логистичка и друга поддршка што им беше потребна на САД во Иран, некои сојузници беа, најблаго речено, бавни – изјави Руте во Вашингтон, без да наведе конкретни земји. Тој додаде дека многумина биле затекнати од конфликтот.

Руте истакна дека ја почувствувал фрустрацијата на Трамп за време на вчерашните разговори во Белата куќа. – Го почувствував неговото разочарување бидејќи сметаше дека премногу сојузници не стојат зад него – рече Руте, додавајќи дека му пренел на претседателот дека огромното мнозинство европски земји го прават токму она што САД го очекуваат.

Трамп повеќепати ги критикуваше членките на НАТО за недоволно активно учество во конфликтот со Иран, при што несогласувањата се однесуваат на користењето на воените бази и можната мисија за обезбедување на Ормуска Теснина. Тој посебно ги спомена Шпанија, Франција и Обединетото Кралство.

Американскиот претседател очекува „конкретни“ обврски од сојузниците за обезбедување на Ормуска Теснина, изјави претходно портпаролката на НАТО, Алисон Харт. – Јасно е дека САД очекуваат конкретни обврски и дејствија за да се обезбеди слободата на пловидба во Ормуска Теснина –  рече таа.

Според „Блумберг“, кој се повикува на висок претставник на НАТО, Вашингтон очекува европските сојузници да презентираат цврсти планови во рок од неколку дена. Трамп повеќепати бараше од НАТО да ги поддржи американските напори за обезбедување на оваа клучна поморска рута, но досега се соочува со отпор.

Помалку од 24 часа по објавувањето на кревкото примирје во војната со Иран, Руте се сретна со Трамп во Вашингтон, по што американскиот претседател на платформата „Трут Соушал“ (Truth Social) упати остри критики. „НАТО НЕ БЕШЕ ТУКА КОГА НИ БЕШЕ ПОТРЕБНО, И НЕМА ДА БИДЕ ТУКА АКО ПОВТОРНО НИ ЗАТРЕБА“, напиша тој.

Иран ја блокираше Ормуска Теснина на почетокот на март како одговор на нападите од САД и Израел, со што беа прекинати испораките на нафта и течен природен гас од Заливот, предизвикувајќи нагли скокови на глобалните цени.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4