Connect with us

Вести

И Судскиот совет и Врховниот суд се „бунат“ дека немаат поголеми плати

Независноста на судството е темел на правната држава и не може да се сведува на тековни буџетски политики, односно на системски решенија, се вели во реакцијата на Судскиот совет и Врховниот суд. 

Како уставни институции надлежни за обезбедување на независноста на судската власт, Судскиот совет и Врховниот суд потсетуваат дека материјалната и финансиската независност не се прашање на привилегија, туку суштински елемент на уставниот поредок и гаранција за владеење на правото. 

-Со донесувањето на законите со кои се намалуваат коефициентите на платите во судството директно се нарушува уставно загарантираната независност на судската власт, заради што сметаме дека овие измени не се во согласност со уставните определби за независно и самостојно судство – стои во заедничкото соопштение на Судскиот совет и Врховниот суд.

Судскиот совет и Врховниот суд, во соопштението нагласуваат дека наместо институционален дијалог меѓу трите власти, во изминатиот период „сведоци сме на постојано игнорирање на укажувањата за состојбата во судството, вклучително и на сериозниот недостиг од судии и судска администрација, несоодветните услови за работа и отсуството на системски пристап кон одржување на функционалноста на судовите“. 

-Овие прашања директно влијаат врз ефикасноста, квалитетот и достапноста на правдата за граѓаните. Очекуваме итно и системско решавање на овие прашања, преку обезбедување соодветен материјален статус на судиите, зголемување на платите на судската администрација и одобрување на потребни вработувања во судовите. Во таа насока, Судскиот совет и Врховниот суд ја поддржуваат одлуката на Здружението на судиите на Македонија да ги искористи уставно загарантираните механизми и да покрене постапка пред Уставниот суд. Обраќањето до Уставниот суд претставува легитимен и институционален начин за разрешување на прашања кои засегаат уставни принципи – стои во заедничкото соопштение. 

Секое законско решение кое ја доведува во прашање материјалната сигурност на судиите или ја деградира положбата на судската администрација, од Судскиот совет и Врховниот суд посочуваат дека, влијае врз независноста и стабилноста на системот во целина и создава ризик од нарушување на довербата во правосудството. 

-Стабилен и независен судски систем е предуслов за правна сигурност, борба против корупцијата и европски напредок на државата. Повикуваме на итен, суштински и конструктивен институционален дијалог кога се носат односно усвојуваат решенија, дијалог кој ќе биде заснован врз уставните принципи на поделба на власта и меѓусебна контрола и рамнотежа. Со почитување на овие принципи може да се обезбеди функционална правна држава во интерес на граѓаните – се вели во соопштението од Судски совет и Врховен суд.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1