Свет
Францускиот парламент го одобри буџетот за 2026 година, владата на Лекорни преживеа уште две гласања за недоверба
Малцинската влада на францускиот премиер Себастијан Лекорни денеска преживеа нови две гласања за недоверба, со што заврши повеќемесечниот спор околу буџетот за 2026 година.
Во двете гласања само 260, односно 135 од 577 пратеници во Националното собрание гласаа против централно-левичарскиот кабинет на Лекорни, јави ДПА.
Неуспехот на предлозите за недоверба значи дека буџетот за 2026 година е официјално одобрен.
Гласањето недоверба ги побараа десничарските националисти на Марин Ле Пен од една страна, и левичарите, Зелените и комунистите од друга страна.
Нивниот обид да ја соборат владата е реакција на тоа што Лекорни го протурка буџетот за оваа година низ парламентарната сала користејќи посебен член од Уставот без конечно гласање, по неплодно барање компромис, пренесе германската агенција.
Лекорни веќе ја обезбеди поддршката на социјалистите со отстапки во буџетот.
Според текстот што сега е усвоен, буџетскиот дефицит треба да се намали на пет отсто од бруто домашниот производ.
Иако првично имаше поамбициозни цели за буџет за штедење, фактот дека високо задолжената Франција конечно добива буџет по долгиот застој веројатно ќе биде добредојден од бизнисите и земјите-партнери на ЕУ како Германија. Тоа им обезбедува на компаниите јасност за инвестиции и вработувања, а јавниот сектор може повторно да инвестира, потсетува ДПА.
Изгледите Париз да ги реши своите должнички проблеми, исто така, се позитивен сигнал за Европската Унија, каде што во моментов во тек е постапка против Франција за нејзиниот дефицит.
Лекорни и неговата влада во последните недели веќе преживеаа четири гласања за недоверба, што се однесуваа на делови од буџетот.
Претходниците на Лекорни, Франсоа Бајру и Мишел Барние, беа принудени да се откажат од функцијата поради буџетски спорови.
Сега, Лекорну може да го насочи своето внимание кон други прашања. Меѓу другото, веројатно е дека ќе има мала реконструкција на владата, бидејќи некои членови на кабинетот, како што е министерката за култура Рашида Дати, се кандидираат на француските локални избори во март, потсетува ДПА.
февруари 3, 2026

