Свет
„Еурактив“: Европската Унија го чека Годо за Украина
Доминантен став е дека Украина претставува егзистенцијално прашање за Европа и за ЕУ, но се чини дека никој во Европската Унија нема вистинска храброст да преземе нешто во врска со решавање на конфликтот, оценува бриселскиот портал „Еурактив“.
– Репликата од „Чекајќи го Годо“, една од врвните точки на театарот на апсурдот што ја опфаќа целата претстава: „Ништо не се случува. Никој не доаѓа, никој не си оди. Ужасно е“, исто така може да се примени и на Европската Унија, која изгледа смрзната додека во целиот свет се случуваат превирања. Апсурдно е. Ужасно е – се наведува во текстот.
Во него се додава дека за волја на вистината изминативе недели ЕУ потпиша два големи трговски договора – со Латинска Америка и Индија, но првиот е блокиран во Европскиот парламент, а постапката за усвојувањето на вториот не е ни почната.
Кога станува збор за Гренланд и најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе распореди дополнително оружје или евентуално дека ќе изврши инвазија врз оваа данска територија, однесувањето на некои европски лидери за поддршка на островот, на Данска и на иднината на НАТО, личеше како на „ентузијазам на мачка што оди по вода“,
Од друга страна, во Газа сè уште ништо не е решено, а додека Иран е „во пламен со до 40.000 луѓе убиени од режимот за само една недела демонстрации“, на ЕУ ѝ требаше уште една недела за конечно да ја стави иранската Револуционерна гарда на листата на терористички организации.
– А потоа е Украина. Скапоцениот камен во круната на играта на чекање. Нејзините луѓе се смрзнуваат, а Русија систематски ја уништува нивната енергетска мрежа. Земјата секојдневно е напаѓана од ракети и дронови произведени со кинески и ирански ресурси. Украинците се смрзнуваат речиси два месеца во една од најстудените зими оваа деценија, а ЕУ се чини дека е смрзната во чекање – се оценува во текстот.
Во него натаму се поставува прашањето што, всушност, чека Европската Унија.
– Веројатно чека Русија да престане со бомбардирањето, што таа нема да го направи. Чека САД да преговараат за договор со Русија, што тие нема да го направат поради Русите. Чека некој друг да го реши проблемот, што исто така нема кој да го направи – се потенцира во освртот.
Во анализата се оценува дека Русија нема да престане со нападите што ги почна врз основа на лажни тврдења дека НАТО ја загрозува нејзината безбедност и дека Украина никогаш не постоела.
– Тоа првин го направи во 2014 година кога го анектира Крим и испрати луѓе во зелени униформи во Донбас. Повторно го направи тоа во февруари пред четири години кога почна со целосна инвазија врз Украина, што Украинците чудесно ја одбија. Но линијата на фронтот во Донбас останува смртоносна и активна, а Русија користи сè побрутални средства против војниците и цивилите, вклучително и киднапирање до 35.000 деца во Русија. ЕУ сè уште чека – се наведува во текстот.
„Еурактив“ додава дека сепак на техничко, па дури и финансиско ниво, ЕУ беше примерна испраќајќи ѝ на Украина огромни количини пари, помош и одредено вооружување, а исто така санкционира и руски лидери и ресурси, иако нивната ефикасност е сомнителна.
– Но, тоа е во голема мера сè. Во рамките на ЕУ може да се смета дека Унгарија и Словачка ќе ги спречат сите други значајни активности. Украина има мала надеж дека ќе добие засилување на линијата на фронтот бидејќи не само што повеќето земји членки на ЕУ немаат вооружување и војници туку нема ни политичка волја за материјална одбранбена поддршка. Стравот од Русија е премногу силен, како и стравот од САД под Трамп, кои очигледно преговараат со Русија, дури и ако таа ги диктира условите. На тоа се додава и стравот едни од други: единството и консензусот мора да се зачуваат по секоја цена, дури и ако луѓето умираат секојдневно – се вели во анализата.
Во текстот се потсетува дека минатиот ноември беше одбележана 30-годишнината од Дејтонскиот договор, со кој заврши војната во Босна и Херцеговина, војна „што траеше повеќе од три години, при што секојдневно беа убивани цивили“.
– Тогаш, како и сега, Европа гледаше, помагаше кога беше можно, но не го решаваше проблемот сè додека САД не ја презедоа водечката улога. Но, за разлика од босанската војна, оваа во Украина претставува реална закана за Европа: Ако Украина падне, Русија ќе напредува во следните држави. Украина навистина претставува егзистенцијално прашање за Европа и за ЕУ, но се чини дека никој нема вистинска храброст да преземе нешто во врска со решавање на конфликтот. „Коалицијата на расположените“ е убава идеја, која ги заобиколува Унгарија и Словачка, а ѝ дозволува на Велика Британија да се приклучи, но зависи од преговорите на САД за мировен договор – се додава во текстот.
Според „Еурактив“, Русија ги одолжува преговорите за да може да продолжи со нападите, па дури планира да употреби и посилно оружје надевајќи се дека уништувањето и страдањето ќе ја принудат Украина на капитулација.
– Нема што да се чека, освен следниот чекор надолу во бездната. Но, ЕУ останува смрзната како ликовите во „Чекајќи го Годо“: „ЕСТРАГОН: Па, да одиме? ВЛАДИМИР: Да, да одиме. Тие не се помрднуваат“ – се додава во освртот на бриселскиот портал.
февруари 3, 2026

