Connect with us

Свет

ЕУ и Меркосур потпишаа трговски договор со што се создаде најголемата зона на слободна трговија во светот

Европската унија и јужноамериканскиот трговски блок Меркосур денеска потпишаа историски трговски договор, со што се создаде најголемата зона на слободна трговија во светот.

Потпишувањето на трговскиот договор, што беше емитуван во живо на веб-страницата на Европската комисија, се одржа на церемонија во главниот град на Парагвај, Асунсион, каде што на 26 март 1991 година беше потпишан Договорот од Асунсион, со кој беше создаден Меркосур.

Договорот го потпишаа министрите за надворешни работи на земјите од Меркосур и европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович.

Парагвај моментално го држи ротирачкото претседателство со Меркосур, преземајќи ја функцијата од Бразил на крајот на 2025 година.

На настанот во Асунсион, страната на ЕУ ја претставуваа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и комесарот за трговија на ЕУ, Марош Шефчович, додека Меркосур го претставуваа претседателот на Парагвај, Сантијаго Пења, Аргентинецот, Хавиер Мили, Уругваецот, Јаманду Орси, Боливиецот, Родриго Паз, бразилскиот министер за надворешни работи, Мауро Виеира, и панамскиот претседател Хозе Раул Мулино, чија земја стана придружена членка на јужноамериканскиот блок лани.

Во говорот на церемонијата на потпишување, Урсула фон дер Лајен рече дека договорот е „симбол на новото партнерство меѓу Меркосур и Европа“ и создава најголема зона на слободна трговија во светот.

Заедно, ЕУ и Меркосур сочинуваат околу 20 проценти од светскиот бруто домашен производ (БДП) и опфаќаат повеќе од 700 милиони потрошувачи, додаде фон дер Лајен.

Договорот со Меркосур треба да биде ратификуван од Европскиот парламент пред да може да стапи во сила.

Европската комисија преговара за договорот со членовите основачи на Меркосур – Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај – од 1999 година. Договорот беше објавен во 2019 година, но никогаш не беше формално ратификуван поради барањата на ЕУ за обврски во врска со уништувањето на шумите на Амазон и климатските промени. 

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 5