Култура
Џоломарите од Ресава парите собрани за Василица ќе ги вложат во старото училиште за развој на етно туризам
Џоломарите од кавадаречкото село Ресава, парите собрани за Василица, ќе ги вложат во старото училиште, за развој на етно туризам. Од џоломарската група информираа денеска за МИА, дека по отворањето на етно соба во старата училишна зграда, во план им е да направат и апартмани, за престој на туристите кои сакаат да го посетат ова интересно село близу Тиквешко Езеро.
– Имаме прекрасна природа, езеро во близина, производство на извонредни вина и ракии препознатливи по својот квалитет, богата историја и што ли уште не, посочија од џоломарската група која има бројни настапи и освоени награди на фестивали и карневали во земјава и странство.
Притоа, потсетија дека џоломарството е исконска традиција на овие простори, секоја Василица џоломарите со страшни маски бркаат лоши духови и прават место за добрите нешта. За својата игра, при што прават врева со стапови и клопотарци, секоја Василица добиваат награда, по некоја пара.
јануари 18, 2026


