Connect with us

Ракомет

Македонските ракометари поразени со 12 голови разлика од Данска на стартот на ЕП

Македонската ракометна репрезентација со пораз го отвори настапот на 17. Европско првенство, откако вечерва пред 15.000 гледачи во Хернинг загуби од домаќинот Данска со 36:24 во воведниот натпревар од групата Б.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров и покрај поразот имаа добри моменти во дуелот со актуелниот светски и олимписки првак, но Данците максимално ги искористија сите грешки на македонските ракометари.

Натпреварот почна израмнето со по три голови на двете страни, по што Данска казни серија грешки во нападот на Македонците и со серија од 5:0 дојде до предност од 8:3.

Во продолжението македонскиот состав ја консолидираше играта и во неколку наврати дојде до минус три негатива, но Данците заминаа на полувреме со предност од 17:12.

Данска го почна второто полувреме со „7 на 6“ во нападот, и по воведната серија од 5:2 континуирано ја зголемуваше предноста, која во 44. минута прв пат беше двоцифрена (27:17).

Никола Серафимов беше најефикасен во македонската репрезентација со шест голови, а Мартин Томовски запиша четири одбрани на голот, сите во првото полувреме.

Утре е ден пауза за македонските ракометари, кои в недела ќе играат против Португалија, а во завршното коло во групата Б, во вторник противник ќе им биде Романија.

Претходно вечерва во Хернинг, репрезентацијата на Португалија ја совлада Романија со40-34.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 5