Свет
Најстариот и некогаш најголем леден брег полека заминува во историјата
Некогаш најголемиот, но се чини и денес, најстар леден брег во светот – A-23-a во својот зенит беше трипати поголем од Њујорк, а сега, кога се приближува кон својата 40-годишнина, е сведен на визуелно зачудувачка маса од шарена сина каша… Имено, како што новите сателитски слики посочуваат – огромното парче мраз се ближи кон својот крај.
Своевремено наречен кралицата на ледените брегови, А-23-а се отцепи од ледениот гребен Филхнер Рон на Антарктикот летото 1986 година, но набргу неговиот потопен долен дел потона на морското дно. Речиси 3,5 децении потоа, тој остана на истото место, со минимално намалување – благодарение на неговата близина до матичниот леден гребен. Но, во 2020 година A-23-a, конечно, почна да се оддалечува од Антарктикот. Следно, масивниот леден брег повторно беше заробен – овој пат во силна океанска струја, што го принуди да се врти во место со месеци.
Во декември 2024 година се оттргна од вителот и се насочи кон островот Јужна Џорџија предизвикувајќи загриженост кај научниците дека би можел да се поткачи на копното и да го загрози тамошниот екосистем, особено да им наштети на пингвините. Но, најлошиот исход беше избегнат кога ледениот брег почна да се распаѓа во мај 2025 година пред да стигне до островот.
Оттогаш најголемиот дел од ледениот брег се насочи кон север во јужните делови на Атлантскиот Океан, каде што потоплите океански струи го забрзуваат неговото топење.
Најновите фотографии, направени од сателитот „Тера“ на НАСА на 26 декември, ја покажуваат масата мраз во целосно непрепознатлива состојба. Сега намален на приближно една третина од неговата првична големина, ледениот брег е покриен со базени од сина вода опкружени со дебели бели рабови од мраз, кои личат на насипи. Фотографијата исто така покажува сива каллива маса позната како ледена каша, која веројатно се пробивала оддолу под ледениот брег. Опкружен е со стотици помали парчиња лед, кои се отцепиле од неговите рабови.
– Сината каша на површината на А-23-а се состои од езерца од топена вода, кои настануваат кога површинскиот мраз ја губи својата структурна цврстина – објасни Тед Скембос, климатски научник на Универзитетот на Колорадо во Болдер, во соопштението на НАСА. „Овие езера потоа се поврзуваат во ленти, најверојатно поради тежината на водата што се собира во пукнатините и дополнително ги проширува“, се вели.
Според Валтер Мејер, виш истражувачки научник во Националниот центар за податоци за снег и мраз, пукнатините веројатно се движат паралелно со жлебовите на долната страна од ледениот брег, кои се создавале со векови додека мразот се движел низ копното кога тој бил дел од ледениот гребен Филхнер Рон.
– Неверојатно е што овие ленти сѐ уште се видливи по толку време – додаде Крис Шуман, пензиониран професор на Универзитетот во Мериленд.
И на фотографија направена на 27 декември од Меѓународната вселенска станица овие впечатливи ленти се чини веќе почнале да бледнеат. На таа фотографија површината на ледениот брег изгледа порамномерно, со повеќе сина вода.
Поради својата величина и долговечност, А-23-а неколкупати ја држеше титулата најголем леден брег во светот. Последен пат ја врати во јуни 2023 година по распадот на претходниот носител на рекордот- A-76-а, но повторно ја изгуби во септември 2025 година набргу по блиската средба со Јужна Џорџија. Во овој момент најголемиот леден брег во светот е Д-15-A, со површина од речиси 3.100 квадратни километри, според Националниот центар за податоци за снег и мраз, што е неколку стотици квадратни километри помалку од максималната големина што некогаш ја имал А-23-а.
јануари 16, 2026


