Економија
Митреска: Монетарната политика на Народната банка ја поддржува ценовната стабилност во економијата
Поставеноста на монетарната политика на Народната банка има за цел да овозможи натамошно одржливо стабилизирање на инфлацијата и стабилни инфлациски очекувања. Во услови на присутна неизвесност, монетарната политика останува внимателна, а Народната банка е подготвена, доколку е потребно, да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност. Ова го истакна вицегувернерката Ана Митреска во рамки на панел-дискусија на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на „Фајненшал тајмс“.
Како што информира Кабинетот на гувернерот, Митреска нагласи дека инфлацијата и понатаму се движи околу 4 отсто.
– Инфлацијата забележа значително намалување и се сведе на едноцифрено ниво, како резултат на слабеењето на надворешните ценовни притисоци и спроведувањето на претпазлива монетарна политика, поддржана и со макропрудентните мерки. Сепак, инфлацијата и понатаму се движи околу 4 отсто, што е над нејзиниот историски просек и над стапката на инфлација во еврозоната, но е споредлива со просечната инфлација во земјите од Централна и Источна Европа, истакна вицегувернерката Митреска.
Таа нагласи дека ваквите движења укажуваат на постоење заеднички регионални фактори што ја одредуваат инфлациската динамика, меѓу кои се растот на платите и кредитниот циклус, при што процесот на дезинфлација кај нас и во земјите од регионот е подолготраен во споредба со еврозоната.
– Иако беше започнат процес на нормализација на основната каматна стапка, тој запре во февруари минатата година, по што дополнително беше зајакнат претпазливиот монетарен пристап преку инструментот задолжителна резерва и преку примена на макропрудентни мерки, со цел поефикасно утврдување на инфлациските очекувања, посочи Митреска, нагласувајќи дека Народната банка и понатаму ќе пристапува внимателно при носењето на монетарните одлуки со цел обезбедување одржлива макроекономска и финансиска стабилност. Се очекува ваквата поставеност да обезбеди понатамошно намалување на домашната инфлација.
Форумот на Централна и Источна Европа претставува еден од најзначајните и најреномираните годишни настани во областа на финансиите, на кој традиционално учествуваат високи претставници на централните банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и меѓународни инвеститори.
јануари 16, 2026


