Connect with us

Вести

Хајрулахи: На Коцевски му ја напишаа оставката, избега зашто пратениците беа подготвени да го распарчат

Љупчо Коцевски, не можејќи да се соочи со она што пратениците ќе го изнесат за него од пратеничката говорница, принуден си поднесе оставка. Избега еден час пред да го разрешат, пред да го распарчат. Тој затоа си поднесе оставка и избега од ЈО на најсрамен начин. Можеме слободно да кажеме дека првата и основна работа на наредниот републички обвинител, кој и да е, треба сериозно да се позанимава со неговото работење, со неговото криминално работење, вели бившиот шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, Мустафа Хајрулахи.

Откога поднесе оставка и го напушти Јавното обвинителство, адвокатот и поранешен виш јавен обвинител Хајрулахи во гостувањето на „За или против“ на телевизијата „Алфа“, најави дека ќе се кандидира за републички јавен обвинител нагласувајќи дека Јавното обвинителство се наоѓа во длабока институционална криза и дека функционира без јасна хиерархија и одговорност и дека мора да се прочисти за да се вратат неговиот углед и функционалноста.

–  Ќе конкурирам за републички обвинител, ги исполнувам условите, па ќе видиме. Зошто да не. Се надевам дека ако евентуално дојде до мој избор за републички јавен обвинител, веќе нема да разговараме за овие прашања – рече Хајрулахи, кој има 14 години искуство и два мандата како шеф на скопското Вишо јавно обвинителство.

Што се однесува до неговата оставка од функцијата јавен обвинител, Хајрулахи во гостувањето вели дека поминала една година од суспензијата од страна на Љупчо Коцевски, а редовно секој месец примал бруто-плата од приближно 180 илјади денари, што не ја заработувал, не по негова вина, и, како што нагласува, не сакал повеќе да биде товар на државата.

– Значи, чинот што го направив јас со тоа што поднесов оставка, односно побарав од Советот на јавните обвинители да ми констатира престанок на работниот однос, го направив од проста причина што веќе помина една година од суспендирањето од страна на неписмениот обвинител Коцевски, а и редовно секој месец на сметка ми легнуваа пари од граѓаните, односно плата што не ја заработував, не по моја вина. Значи, не по моја вина, не ја заработував платата, а примав висока плата, со платени придонеси, значи сè на сè, бруто-плата речиси 180.000 денари. Тоа е товар за оваа држава и за овие граѓани. Затоа се одлучив на тој чин, да си поднесам оставка, да го напуштам тој комодитет и да почнам да работам приватно. Видете, можев така да си терам до 101 и назад, како што тераат многу – појаснува Хајрулахи.

Хајрулахи тврди дека „Коцевски беше само колку да ги реализира наредбите“ за што, како што вели има „несоборливи докази, материјални докази, вербални докази, коишто јас сум ги составил додека бев во ВЈО“.

-Но, сега јас многу добро знам. Од внатре јас ги знам работите, знам дека Коцевски беше само колку да ги реализира наредбите. Имаше спроводници кои идеа до него … Имам несоборливи докази, материјални докази, вербални докази, коишто јас сум ги составил додека бев во ВЈО и чекам погодна прилика кога ќе се создадат добри услови во ЈО, кога ќе дојде новиот јавен обвинител на ЈО, кога ќе се смени Гаврил Бубевски. Секако, и тоа пред медиумите како што знам и како што ми личи. Нескриено, не со заткулисни игри, изјави Хајрулахи.

Хајрулахи, исто така, нагласува дека случајот со бонусите за поранешното Специјално јавно обвинителство е една од главните причини за неговата и суспензијата на јавниот обвинител Јован Цветановски.

– Тоа се само пари што ние ги гледаме. Ние што можевме со вештачење да утврдиме кој е износот, а колку други пари се земени од рекет во тоа СЈО, од разноразни начини на, не знам, незаконски прибирање пари. Тоа само Господ знае колку пари се … А Катица не била сама во тоа СЈО, Катица не работела сама во тоа СЈО … Само државни пари (4 и пол милиони евра) и тоа детектирани, а колку има други приходи кај нив што не се детектирани, изјави Хајрулахи.

Според него, обвинителите од Специјалното јавно обвинителство се само неколкумина коишто се гледаат, но, како што вели, корењата им се многу длабоки и затоа, смета, дека законски треба да се расчисти со нивната работа.

– СЈО, обвинителите од СЈО, тие се само тие 10 души што се гледаат. Корените им се многу длабоки. Тоа еднаш засекогаш треба буквално да се расчисти со нив законски. Не можат тие да владеат, да царуваат со ЈО и со правосудството, нагласува Хајрулахи.

Во интервјуто, поранешниот виш јавен обвинител, исто така, предупреди дека евентуален нов мандат за Гаврил Бубевски на чело на Основното јавно обвинителство – Скопје би значело, како што рече, дополнително продлабочување на хаосот.

– Ако остане, ако се реизбере Гаврил Бубевски на 20-ти, сега кога е закажана седницата од Советот, тоа значи дека по автоматизам му се поплочува патот за уште еден мандат на Ислам Абази … И ако тоа успее нашето ЈО треба да се самораспушти, подвлекува Хајрулахи во интервјуто.

Хајрулахи, исто така, вели дека „не може луѓе коишто се инсталати на поранешното СЈО да бидат на чело на таквата институција“, но и дека „има претенденти од нив што сакаат, што затскриено цело време биле на некој начин поврзани со СЈО“.

– И сега ако инсталираат таков човек во Републичкото јавно обвинителство, Вишото е обезглавено, во ОЈО Скопје остане Гаврил Бубевски, во организиран му се трасира патот на Ислам Абази, оти минатиот, првиот мандат кога го доби, го доби со 66 гласа. Само во ЈО Скопје имаме 70 обвинители. Ќе се врши невиден притисок за да се обезбедат тие 60 и кусур гласа. И што направивме ние. Зарем ни треба нас такво обвинителство организирано со таков раководител, со таков шеф, што ќе ти е. Не е работава дали бил Албанец, Македонец ваков или онаков, нагласува Хајрулахи.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 5