Connect with us

Култура

„Сурова“ одекна во Ѕвегор – вековната традиција продолжува

Со традиционалното ечење на „Сурова“, денеска, во делчевското село Ѕвегор, повторно оживеа еден од најзначајните обичаи во Пијанечкиот Регион, поврзан со празникот Василица и одбележувањето на Стара Нова година. Под маски и преку форма на театар на отворено суроваскарите го продолжија вековниот обред, чија основна цел е симболичното бркање на злото и благословување на домаќините со желби за здравје, плодност и бериќет во годината што следува. Обичајот, кој по својата автентичност и богатството на маски често е споредуван со Вевчанскиот карневал, во Ѕвегор се одвива како весела свадбена поворка. Во неа централно место имаат невестата и младоженецот, придружувани од белаците, бабите, мечките и други ликови со силна симболика. Преку еротски игри се асоцира на плодноста, старите баби и мечкарите симболично им помагаат на болните, а црнењето на присутните се смета за обред за здравје.

Годинава шеесетина маски продефилираа низ селото посетувајќи ја секоја куќа, како што налага традицијата. Улогата на невестата е една од најнапорните бидејќи бара издржливост и постојано движење, а ја чуваат младоженецот и двајца белаци. Лицето маскирано во невеста раскажува дека учествувало и пред повеќе од три децении, а повторното вклучување во обичајот го доживува како чест и обврска кон традицијата.

Важен сегмент од „Суровата“ во Ѕвегор е и трпезата, која се подготвува по рецепти што се пренесуваат со генерации. Жителите велат дека за овој ден традиционално се приготвуваат баница со црева, пача и расолница, а суроваскарите се даруваат со грав и компир. Според постарите жители, и во минатото обичајот се одвивал на сличен начин, но со помал број учесници и посетители.

Посебна улога во организацијата има кумот на „Суровата“, кој не учествува во маскирањето, туку е задолжен за координација и пречек на суроваскарите. Тој посочува дека неговата задача е да се погрижи обичајот да се одвива непречено и во согласност со традицијата.

Настанот одамна ги надмина локалните рамки и привлекува посетители од земјата и странство. Годинава, „Суровата“ ја следеа и гости од Турција и Грција, кои за манифестацијата дознале преку социјалните мрежи. Гостинка од Грција истакна дека е особено заинтересирана за автентичните балкански традиции додавајќи дека во регионот Драма постои сличен обичај наречен „Бабиден“, кој исто така е проследен со традиционални јадења и пијалаци.

Еден од највпечатливите моменти е учеството на најстариот суроваскар, 79-годишниот Стојан Гоцевски, кој сведочи за промените во текот на децениите. Според него, пред педесетина години маските биле поприродни и изработувани од достапни материјали, а денес се позабележливи и помодерни. Сепак, тој нагласува дека суштината на обичајот е зачувана, а особено охрабрува фактот што во „Суровата“ активно се вклучуваат и млади, па дури и деца од 13-годишна возраст.

Градоначалникот на општина Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека „Суровата“ е едно од најзначајните живи културни наследства во регионот и дека е особено важно што младите ја продолжуваат традицијата. Тој додаде дека Општината како главен покровител ќе продолжи да ја поддржува манифестацијата бидејќи ваквите обичаи го одржуваат културниот идентитет на Пијанец и ја поврзуваат заедницата.

Суроваскарскиот обред заврши доцна попладнето со традиционалното откривање на невестата и симболичното симнување на маските на заедничката трпеза подготвена од кумот. Со тоа уште еднаш беше потврдена виталноста на овој обичај, кој претставува значаен дел од нематеријалното културно наследство на Пијанец.

Главен покровител на манифестацијата се Општина Делчево и градоначалникот Иван Гоцевски.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3