Connect with us

Култура

Зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион носи бесплатни проекции на шест регионални филмови

Зимското издание на Мрежата на фестивали на Јадранскиот регион ќе се одржи од 22 јануари до 5 февруари, со што публиката во земјава како и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и во Словенија ќе има можност бесплатно да гледа избор на наградувани регионални филмови – во кината и онлајн.

Како што се наведува во соопштението од оваа Мрежа на фестивали, публиката на земјите-членки на Мрежата ќе има можност да погледне шест наградувани регионални филмови: „Семејна терапија“ од Соња Просенц, „Fiume o morte!“ Игор Безиновиќ, „After the Summer“ од Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан.

Програмата започнува на 22 јануари со бесплатни кино проекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и во Скопје, додека сите филмови ќе бидат достапни онлајн од 23 јануари преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.

Во рамките на програмата, во Скопје ќе биде прикажан филмот „Мајка Мара“ во режија на Мирјана Карановиќ. Проекцијата ќе се одржи во „Синеплекс“ на 22 јануари со почеток во 19 часот. На проекцијата ќе присуствува режисерката и главна актерка Мирјана Карановиќ, актерот Вучиќ Перовиќ, кој ја толкува главната машка улога и кинематограферот Игор Маровиќ. 

„Мајка Мара“ е приказна за средовечна успешна бизнисменка и самохрана мајка, уништена од прераната смрт на нејзиниот син единец. Таа емотивно се отуѓува и одбива да комуницира со семејството и пријателите, но кога го запознава блискиот пријател на покојниот син, Милан (Вучиќ Перовиќ), наоѓа утеха и мир во односот со него. Заедно тие откриваат сè повеќе факти за животот и смртта на Немања, што и дава можност на Мара да се соочи со сопствениот живот и емоции.

Меѓу филмовите во програмата е и „Fiume o Morte!“ на Игор Безиновиќ – документарна драма за шеснаесетмесечната окупација на Риека и контроверзната историска фигура на италијанскиот поет, новинар, аристократ и воен офицер, фашистот Габриел Д’Анучи, раскажана преку гласовите на современите жители на градот, кои го доведуваат во прашање наследството од тој период и неговото влијание врз денешниот идентитет на Риека.

Филмот „По летото“ од Данис Тановиќ носи комична драма за млада жена која доаѓа на островот по наследство, но се соочува со сопственото минато, семејни тајни и прашања за идентитетот.

Филмот „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ, приказна за свадба што се случува и покрај одлуката на невестата да се откаже од бракот, ќе додаде горчливо-духовита нота на програмата.

Семејна и топла приказна донесува „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан, филм за едно момче кое, со помош на еден необичен пријател, се обидува да ги поправи раскинатите односи во своето семејство.

Зимското издание се реализира како заеднички проект на водечките филмски фестивали во регионот – Белградскиот филмски фестивал, Сараевскиот филмски фестивал, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Загрепскиот филмски фестивал, Херцег Нови филмскиот фестивал и фестивалот „Браќа Манаки“ од Северна Македонија.

Ова е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион, организирано со цел поголема видливост, достапност и промоција на квалитетна современа регионална кинематографија.

Програмата на Мрежата на фестивали на Јадранскиот регион се спроведува со поддршка на потпрограмата МЕДИА од програмата „Креативна Европа“, стои во соопштението

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1