Connect with us

Свет

Велика Британија и Полска се договорија за поблиска соработка против воздушни и ракетни закани

Велика Британија и Полска денеска се договорија поблиску да соработуваат во соборувањето на воздушните и ракетните закани за да ја зајакнат заштитата на нивниот воздушен простор, пренесува бриселскиот портал „Политико“.

Двата сојузници во НАТО ќе ја засилат заедничката обука на пилоти на хеликоптери и ќе соработуваат во развојот на нови капацитети за спротивставување на напади од воздух.

Британските и полските војници ќе тренираат заедно во виртуелни средини за да ги унапредат техниките на противвоздушна одбрана, додека осум полски воени пилоти на хеликоптери ќе поминат обука во Велика Британија во рамките на НАТО програмата за воена авијација. Двајца полски инструктори за хеликоптери ќе бидат постојано распоредени во базата на РАФ Шоубери во Западен Мидлендс за време на целиот ротациски мандат.

Информациите беа објавени за време на денешната посета на полскиот претседател Карол Навроцки на Даунинг стрит. Британскиот министер за одбрана Џон Хили ја нарече Полска „клучен сојузник на Велика Британија во оваа ера на растечки закани“ и рече дека заедно „ја зајакнуваат одбраната на Европа и се спротивставуваат на заканата од Владимир Путин“.

Британски борбени авиони учествуваа во мисија за противвоздушна одбрана над Полска како дел од сојузничкиот одговор на упадите на руски дронови во полскиот воздушен простор, при што пилотите на двете земји летаа заедно во рамките на НАТО мисијата „Источна стража“.

Хили минатата година најави дека британските вооружени сили ќе добијат нови овластувања за соборување сомнителни дронови над воени објекти во рамките на Законот за вооружени сили, по низата воздушни упади ширум Европа. Министрите се обврзаа да ја унапредат британската противвоздушна одбрана поради загриженоста дека земјата е сè поранлива поради променетата природа на заканите од воздух.

Велика Британија и Полска и претходно интензивно соработуваа во областа на противвоздушната одбрана, вклучувајќи го и извозниот договор вреден 1,9 милијарди фунти (2,2 милијарди евра) од април 2023 година за опремување на 22 полски батерии на ПВО системи, како и посебен договор вреден повеќе од четири милијарди фунти (4,7 милијарди евра) за продолжување на следната фаза од идниот полски ПВО програм „Нарев“.

Полскиот претседател Карол Навроцки денеска се сретна и со британскиот премиер Кир Стармер кому му се заблагодари за британските војници стационирани во неговата земја. Навроцки ги спомена речиси 150-те војници од британските вооружени сили кои се на полска територија како дел од придонесот на Велика Британија кон Напредните копнени сили на НАТО – во контекст на руската инвазија на Украина.

Стармер го поздрави договорот полските пилоти на хеликоптери да почнат обука за хеликоптери во Велика Британија во следните неколку месеци, во потег што дополнително ги интегрира вооружените сили на двете земји, соопшти неговиот кабинет во извештајот од состанокот.

Британскиот премиер рече дека „сè поблиската соработка во одбранбените проекти е добра и за билатералните односи и за европската безбедност“.

Стармер му се заблагодари на Навроцки за вклученоста на неговата земја во „Коалицијата на волните“ за Украина.

– Осврнувајќи се на Украина, лидерите се согласија за важноста на обезбедувањето праведен и траен мир во Украина и дека на (рускиот) претседател (Владимир) Путин не може да му се верува, соопшти кабинетот на Стармер.

Навроцки рече дека Велика Британија е најважниот партнер на неговата земја надвор од ЕУ.

– Велика Британија е најважниот полски партнер надвор од ЕУ, особено во … пазарот за извоз на полското земјоделство, рече тој.

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1