Connect with us

Култура

Со клопотарци и страшни маски џоломарите бркаат лоши духови во неколку села во Тиквешијата 

Со клопотарци и страшни маски џоломарите бркаат лоши духови во неколку села во Тиквешијата. Традиционално на ваков начин се почитува исконската традиција за Василица. 

– Традицијата која трае најмалку неколку  векови,  се повеќе привлекува туристи и го става овој крај на туристичката мапа,  како реткост која мора да се посети. Со страшни маски и клопотарци врзани околу половините  правејќи врева,   џоломарите од  неколку тиквешки села  низ ритуали со драмски и комични елементи со магиски дејства, бркаат лоши духови. Така е со векови, секоја Василица, вели за МИА Томе Крстевски, виш кустос етнолог при Музеј галеријата во Кавадарци.

Во џоломарската дружина се главно петнаесетина мажи со наметки и ќулафки, панталони шајачки, гумени опинци, волнени чарапи, со кожни ремени околу половината со 10-15 клопотарци и ѕвонци тешки над 15 килограми, мустаќи и брада од волна, вештачки грпки. Лицата им се исцрнети и маскирани со саѓи од огништата. Со себе носат реквизити како кросно од разбој, дрвени стапови заоблени на едниот крај, патерици, рачки од рало, лејки, кои означуваат стремеж за зголемување на плодноста и благослов за бериќет и општа благосостојба во новата година. Жени не учествуваат. 

-Целата своевидна драма под отворено небо почнува вечерта  на 13 јануари, кога срет село се палат огнови на кои се собира и старо и младо. Утредента се облекуваат маските. Меѓу џоломарите ќе забележите зет и невеста, дедо и баба, поп. Се прави обредна игра со врева со која се бркаат сите сеништа. Има и времени полови симулации врз невестата. Тука е и симболичното удирање со стапови по задникот на случаен избраник, кое треба да му донесе среќа,  а тој дава по некоја пара за благослов. Потоа џоламарите коледуваат од куќа во куќа и добиваат најразлични подароци во храна, која подоцна се јаде на заедничка гозба, објаснува Крстевски.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 5